МИЦКОСКИ СО НАЈДИРЕКТНА ПОРАКА: НЕМА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека за вчерашните протести поврзани со барањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик ги информирал НАТО сојузниците и европските партнери. Според него, присуството на опозициски политичари отвора сомнеж за политизација и потенцијален ризик од дестабилизација на државата.

Мицкоски посочи дека прашањето е дополнително чувствително поради фактот што актуелниот Закон за употреба на јазиците е предмет на разгледување пред Уставниот суд, а негативно мислење за делови од неговата примена, особено во судството, дала и Венецијанската комисија. Во таа насока, Владата веќе формирала експертска работна група составена од уставни правници, со задача да предложи решение кое ќе биде во согласност со Уставот и меѓународните стандарди.

Од СДСМ оценија дека барањата на студентите од албанската заедница треба да се разгледаат сериозно, но ја обвинија власта дека токму таа придонесува за продлабочување на поделбите во општеството.

Протестите открија и несогласувања во рамките на албанскиот политички блок. Од ДУИ истакнаа дека барањето за полагање на испитот на албански јазик е долгогодишно и дека нема оправдување тоа да не биде решено. Според нив, станува збор за легитимно прашање кое произлегува од законски гарантираните јазични права.

Од друга страна, од коалицијата ВЛЕН возвратија дека токму ДУИ носи одговорност за нерешеноста на ова прашање во изминатите две децении. Тие посочија дека во Министерството за правда имало повеќе министри од редовите на ДУИ, но без конкретен институционален напредок.

Министерот за правда Игор Филков, пак, оцени дека протестите се користат за политичка манипулација. Според него, дел од актерите кои сега ја отвораат темата се истите што долги години биле дел од системот и придонеле за состојбите во правосудството.

Според официјалните податоци, во последните пет години на правосудниот испит се пријавиле 881 кандидат, од кои 232 биле од албанска етничка припадност, што дополнително ја актуелизира дебатата за јазичната застапеност во правниот систем.

Loading