Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека Македонија бележи солиден напредок во процесот на евроинтеграции и, според одредени параметри, дури се позиционира подобро од дел од земјите кандидати за членство во Европската Унија.
Во интервју за емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, таа истакна дека пристапниот процес треба да се темели исклучиво на објективни критериуми и мерливи резултати, а не на услови кои немаат рационална основа.
„Неопходно е да се водиме од политика базирана на докази. Македонија не само што се движи паралелно со водечките кандидати, туку во некои сегменти покажува и подобри резултати“, нагласи претседателката.

Таа потенцираше дека домашното законодавство е во значителна мера усогласено со европските стандарди, што претставува силен аргумент во прилог на напредокот на државата кон ЕУ. Сепак, предупреди дека и покрај реформите, процесот може да биде закочен поради политички причини од страна на земјите членки.
„Дури и кога кандидатите ги исполнуваат условите и напредуваат во преговорите, постои ризик од нови блокади. Често се отвораат теми кои не се дел од Копенхашките критериуми, туку се поврзани со историјата и културните прашања“, изјави таа.
Според неа, ваквите прашања не треба да имаат место во преговарачката рамка и не смеат да бидат предуслов за напредок.
Во однос на можните решенија, Сиљановска-Давкова посочи дека понекогаш е неопходен внимателен и креативен пристап при толкувањето на одредени протоколи, но без преголема јавна експонираност.
„Потребна е одредена флексибилност и внимателност. Постојат различни начини на интерпретација, но тие бараат суптилен и одговорен пристап“, додаде таа.
![]()

