ТАЈМЕРОТ ОТЧУКУВА: „ТАЛИР 2“ ПРЕД ФИНИШ ИЛИ ПРЕД ТИВКО ЗАСТАРУВАЊЕ?!

Дали „Талир 2“ полека се движи кон правен епилог – или кон тивко застарување? Со нов обвинител, постојани одложувања и ограничен временски рок, се отвора прашањето дали институциите ќе успеат да го затворат еден од поважните судски процеси пред да стане дел од долгата листа на незавршени случаи. Секое ново рочиште носи повеќе неизвесност отколку напредок, а јавноста сѐ погласно се прашува: дали правдата ќе стигне навреме или повторно ќе задоцни?

Судењето за предметот „Талир 2“ продолжува со нов обвинител, откако случајот официјално го презеде Кристијан Смилевски од скопското обвинителство. Тој на последното рочиште ја замени досегашната обвинителка Ленче Ристоска, која претходно поднесе оставка по одземањето на предметите „Талир 1“ и „Талир 2“.

Смилевски изјави дека веќе се запознал со обемната документација и дека неговата цел е постапката да заврши пред истекот на рокот за застарување, кој се очекува до крајот на август оваа година.

И покрај ваквите најави, судењето повторно беше одложено. Причината е неприсуството на сведокот на одбраната, Кирил Божиновски, кој третпат не се појавува во судница. Според одбраната, Божиновски моментално е надвор од државата поради приватно патување, за што биле приложени и авионски билети како доказ.

Во „Талир 2“ како обвинети остануваат поранешниот премиер Никола Груевски и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Доколку Груевски се врати во земјата, тој има законско право да побара повторување на постапката од почеток.

Паралелно, против него се води и судење во предметот „Талир 1“. Иако дел од обвиненијата веќе застареа, кривичното дело поврзано со перење пари, според претходните толкувања на обвинителството, може да се гони до 2035 година.

Во рамки на овие предмети, и натаму остануваат замрзнати дел од имотите на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и партиското седиште, што дополнително го зголемува значењето на конечната судска одлука.

Loading