ТИЕ ОБВИНУВААТ, НО СЕ РАЗОТКРИВААТ: КОЈ ЈА СПУШТИ ДЕБАТАТА НА ДНОТО?

Да го наречеш премиерот „уличар“, а притоа самиот да користиш токму таков речник, е политичка иронија во својата најчиста форма. Наместо аргументи, се нудат етикети; наместо дебата, квалификации што повеќе личат на сопствен опис отколку на критика. Во обид да нападне, опозицијата всушност го оголува сопствениот стил на комуникација. Па сосема природно се наметнува прашањето – ако ова е нивото од кое се делат лекции, тогаш како изгледа она што тие го сметаат за политичка култура?

Опозициската СДСМ упати сериозни обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека неговите изјави за можни идни судски процеси против поранешни функционери на опозицијата претставуваат политички пораки и притисок врз правосудството.

Од партијата велат дека ваквите изјави не се изолиран случај, туку дел од континуиран наратив кој, според нив, има за цел да ги заплаши политичките неистомисленици и да создаде атмосфера на несигурност во јавноста. СДСМ оценува дека ваквиот пристап е заканувачки и недозволив во едно демократско општество.

Дополнително, од партијата обвинуваат дека ваквите пораки претставуваат злоупотреба на функцијата и директно удираат врз принципите на владеење на правото и поделбата на власта. Според нив, најавите за судски процеси од страна на носители на извршната власт отвораат сериозни сомнежи за независноста на судството.

Воедно, СДСМ најавува дека ќе ги информира релевантните европски институции за, како што велат, сериозноста на ситуацијата и можните последици врз демократските процеси во земјата.

Loading