Очигледно, ако политиката се следи како серијал, заврши „сезоната“ Мицкоски–Будимпешта, па сега почнува новата – Мицкоски–Москва. Барем така изгледа ако се суди според најновите реакции на СДСМ, кои повторно избраа максимално остар тон кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во политичкиот театар на македонската јавност, каде драматургијата често ја надминува реалноста, најновото соопштение на СДСМ може без двоумење да се смести во жанрот на серијализирана политичка продукција. Ако првата сезона, условно наречена „Мицкоски–Будимпешта“, имаше за цел да воспостави наративна рамка, тогаш најновото продолжение – „Мицкоски–Москва“ – претендира да ја радикализира драмата до степен на геополитички трилер.
Она што се наметнува како клучна карактеристика на оваа комуникациска стратегија не е само интензитетот на обвинувањата, туку нивната стилска изведба. Во отсуство на суптилна аргументација, текстот се потпира на хиперболизирана реторика, каде што дипломатските разлики се претставуваат како цивилизациски судири, а политичкиот противник како инструмент на надворешни центри на моќ. Така, посетата на Виена, наместо да остане во рамките на вообичаен дипломатски настан, се трансформира во сцена на наводен идеолошки пресврт со далекусежни последици.

Особено е индикативна тенденцијата кон персонализација на вината. Во наративот на СДСМ, Христијан Мицкоски не е само политички актер, туку централна фигура на еден поширок, речиси метафизички конфликт меѓу европската ориентација и нејзината спротивност. Во таа конструкција, времетраењето на евроинтегративниот процес не се третира како резултат на сложени структурни и историски фактори, туку како последица на индивидуални политички дејствија.
Дополнително, каталогот на обвинувања, од контрола врз правосудството до ограничување на медиумските слободи се, реди со таква наративна густина што повеќе потсетува на обвинителен акт во предизборна кампања отколку на аналитичка политичка позиција. Сето тоа се заокружува со имплицитна геополитичка димензија, каде што секое отстапување од проектираниот европски курс се интерпретира како резултат на влијание од Москва, наспроти идеализираната визија за Европската Унија.
Во ваков контекст, споредбите со Албанија и Црна Гора функционираат повеќе како реторички алатки отколку како суштински аргументи, додека повикувањето на примерот на Србија ја засилува драматичната дихотомија меѓу „напредокот“ и „стагнацијата“.
Но, можеби најинтересниот аспект на целата оваа „продукција“ не е содржината, туку формата. Во време кога јавниот дискурс би требало да тежнее кон рационализација и аргументираност, сведоци сме на негово постепено трансформирање во медиумски формат што не само што толерира, туку и наградува сензационализам. Во таа смисла, прашањето не е дали ваквиот пристап ќе продолжи, туку дали публиката, односно граѓаните, ќе продолжат да ја прифаќаат оваа политичка „сапуница“ како релевантен извор на политичка вистина.

![]()

