Во координирана акција на надлежните институции, по налог на Обвинителството за организиран криминал, приведени се повеќе од десет лица осомничени за нелегален увоз и дистрибуција на ботокс и дермални филери.
Според првичните информации, меѓу осомничените има медицински лица, вклучително и дерматолози, како и вработени во ГОБ 8 Септември. Дел од приведените се и сопственици на приватни здравствени ординации.

Полициските тимови извршиле претреси на повеќе локации низ државата, меѓу кои Скопје, Струмица и Битола.
Истрагата укажува дека групата функционирала организирано, набавувајќи медицински препарати без соодветни дозволи и регулаторна контрола, кои потоа биле пласирани и користени во естетски третмани.
Осомничените се товарат за повеќе кривични дела, меѓу кои злосторничко здружување, примање поткуп и злоупотреба на права поврзани со индустриска сопственост.
При извршените претреси, полицијата запленила значителна количина медицински препарати, готовина, мобилни уреди, како и луксузно возило.
Во моментов нема официјална потврда дали спорните препарати биле аплицирани кај пациенти, ниту дали има евентуални здравствени последици. Надлежните институции најавуваат дека истрагата продолжува.
![]()

