ВМРО-ДПМНЕ ТВРДИ – ФИЛИПЧЕ ПОД ВЛИЈАНИЕ НА ЗАЕВ, СДСМ ГО КОЧИ ЕВРОПСКИОТ ПАТ!

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ излезе со остри критики кон опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче, обвинувајќи ги дека со своето дејствување го кочат европскиот пат на државата. Според нив, политичките позиции на Филипче се под силно влијание на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека последните јавни настапи на Филипче се поинтензивни и дека, како што наведуваат, неговото делување не придонесува ниту за партијата што ја предводи, ниту за интересите на државата.

Во нивната реакција се посочува дека лидерот на СДСМ направил чекор назад од претходните ставови поврзани со можноста за напуштање на Собранието доколку се укине техничката влада. Овој став, според владејачката партија, бил во спротивност со пораките што претходно ги испратиле дел од пратениците на СДСМ.

Иако ваквото повлекување го оценуваат како позитивен сигнал, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СДСМ и понатаму останува против реформските процеси. Според нив, заканите за бојкот на законодавниот дом и на работните групи директно влијаат врз динамиката на усогласување на законите со стандардите на Европската Унија.

Дополнително, од партијата обвинуваат дека ваквото однесување претставува пречка за напредокот на државата и го забавува евроинтегративниот процес. Во нивната изјава се наведува дека ваквите политики, наместо да придонесат за развој, ја продлабочуваат политичката конфронтација.

Loading