Во својата последна изјава, лидерот на Венко Филипче отвори дилема за политичката тежина и иднината на Движењето ЗНАМ, оценувајќи дека оваа партија постепено исчезнува од анкетите и ја губи поддршката кај граѓаните. Ваквите политички процеси не се непознати за македонската сцена – јавноста веќе била сведок на слични претопувања во минатото, кога Демократска алтернатива практично се интегрираше во ВМРО-ДПМНЕ. Во тој контекст, изјавите на Филипче дополнително ја отвораат дебатата дали и ЗНАМ се движи по слична политичка траекторија?!
Филипче остро реагираше на обвинувањата од Движењето ЗНАМ, нагласувајќи дека, според релевантни анкети, оваа политичка група „практично веќе не постои“.
„Станува збор за сервирање информации кои одговараат исклучиво на нивните интереси. Според анкетите, тие веќе немаат значајно присуство. Тоа е група на поранешни членови на СДСМ кои, за жал, од лични и финансиски причини придонесоа за поделби,“ изјави Филипче.
Тој додаде дека ЗНАМ не успеале да ги исполнат ветувањата дадени пред јавноста, оценувајќи дека наместо независен политички фактор, тие функционираат како „приврзок“ на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на внатрешната состојба во СДСМ, Филипче категорично ги отфрли тврдењата за раскол, истакнувајќи дека партијата останува стабилна и обединета. Тој појасни дека одлуката да се повлечат од Работната група за Изборниот законик не значи повлекување од Собранието, туку претставува политички став во конкретен процес.
Од друга страна, од Движењето ЗНАМ обвинија дека во СДСМ постои сериозна некоординираност, посочувајќи на, како што велат, контрадикторни изјави во краток временски период во врска со измените на Законот за Влада и нивниот парламентарен ангажман.
Политичката реторика меѓу двете страни продолжува да се заострува, додека јавноста внимателно ги следи сигналите за стабилност и кредибилитет на политичките субјекти.
![]()

