Постои една стара поговорка која, барем во македонски услови, ретко греши: „како дошле – така пошле“. Во слободен превод, тоа се однесува на појави што се создаваат брзо, без цврста основа и без вистинска внатрешна поврзаност, па затоа и исчезнуваат со истата таа леснотија. Со други зборови, кога нешто повеќе личи на моментална комбинација отколку на стабилна структура, неговата трајност обично е прашање на време. Понекогаш кратко време.
Во политичката теорија, партиите најчесто се соочуваат со сопствениот крај на избори. Во политичката пракса, пак, особено во македонски услови, понекогаш изгледа поефикасно тој процес да започне порано – во самиот парламент. Таму каде што треба да се демонстрира кохезија, најчесто први се појавуваат сигналите дека таа е, во најмала рака, релативна категорија.
Случувањата околу ЗНАМ – За наша Македонија, политички субјект кој произлезе од дел од структурите на СДСМ, ја илустрираат токму оваа динамика. Одлуката на пратеник да делува како независен формално може да се интерпретира како индивидуален чин. Суштински, сепак, таа отвора едно поосновно прашање: што ја одржува една пратеничка група како група, ако нејзините членови толку лесно ја редефинираат сопствената позиција?
Паралелата со Демократска алтернатива на Васил Тупурковски е, на прв поглед, логична. И тогаш и сега станува збор за политички субјекти кои произлегуваат од постоечки партиски матрици и настапуваат со амбиција да артикулираат алтернативна понуда. Но разликата не е во намерата, туку во редоследот на настаните, а токму редоследот често ја одредува суштината.
Имено, Демократска алтернатива, со сите свои ограничувања и конечен неуспех, барем ја зачува пратеничката кохезија додека имаше политичка релевантност. Во рамките на парламентарниот мандат не се евидентираат значајни издвојувања на пратеници во независен статус, ниту конзистентни обрасци на нивно преминување во други пратенички групи додека партијата функционираше како дел од владејачкото мнозинство. Нејзиниот крај дојде подоцна и на познат начин, преку изборниот пораз во 2002 година, по што следеше постепено претопување и прелевање на дел од кадрите во други политички субјекти, вклучително и кон ВМРО-ДПМНЕ.
Во актуелниот случај, редоследот изгледа обратен. Наместо распадот да биде последица на изборен пораз, се појавуваат индикации дека токму внатрешната флуидност може да стане негов предвесник. Наместо гласачите да ја затворат приказната, се создава впечаток дека дел од актерите ја отвораат порано.
Секако, секогаш постои можност ваквите појави да се третираат како изолирани. Но искуството покажува дека кога еднаш ќе се воспостави модел во кој пратеничката позиција станува флексибилна категорија, тој модел ретко останува ограничен на еден случај. Особено во отсуство на доволно силна внатрешна кохезија што би го задржала во рамките на исклучок.
Оттука, прашањето не е само дали ќе има уште вакви случаи, туку дали воопшто постои механизам што би спречил тие да станат правило. Дали ваквите појави ќе останат изолирани, или ќе прераснат во поширок образец на однесување, останува да се види. Дали пратеничката група ќе ја задржи својата кохезија, или постепено ќе се трансформира во збир на индивидуални политички позиции, исто така е отворено прашање.
Или поедноставно кажано: дали во македонската политика навистина е потребно да се изгубат избори за да започне распадот или е доволно распадот да започне, за изборите само да го потврдат.

![]()

