ЌЕ ГИ РАЗОЧАРА ЛИ „ШАРЕНИТЕ“ ИЛИ ЌЕ ГО ВРАТИ ГРУЕВСКИ? – ФИЛКОВ НА ИСПИТ!

Шарените револуционери повторно вперуваат поглед кон институциите, овојпат кон Игор Филков и политичкиот проект ЗНАМ. По разочарувањето што многумина го поврзуваат со владеењето на Зоран Заев и неисполнетите очекувања за целосна правда, сега се отвора нова дилема: дали Филков и ЗНАМ ќе успеат таму каде што другите потфрлија? Дали токму тие ќе ја соберат политичката слава со враќањето на Никола Груевски, или и ова ќе остане уште едно гласно ветување без конечен епилог?

Во време кога повторно се актуелизира прашањето за враќањето на Никола Груевски, се отвора дилема дали најавите на министерот за правда Игор Филков се навистина чекор кон конкретна акција или внимателно пресметан политички потег. Иако институциите уверуваат дека процесот се движи напред, зависноста од развојот на политичките состојби во Унгарија остава впечаток дека можеби станува збор за темпирање, а не за итност. Дали конечно ќе има разрешница или ова е уште еден обид темата да остане жива без вистински исход?

Постапката за можна екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски влегува во нова фаза, откако надлежните институции во Македонија ги комплетирале сите потребни документи. Од Основниот кривичен суд Скопје потврдуваат дека документацијата е доставена до Министерството за правда, откако претходно биле побарани дополнителни информации.

Од ресорното министерство побарале појаснувања за евентуални промени кои би можеле да влијаат врз постапката, по што судот ги испратил сите релевантни податоци. Во меѓувреме, против Груевски и понатаму се водат повеќе судски процеси – дел од нив се активни, а дел веќе се завршени со пресуди.

Министерот Филков пред неколку дена посочи дека се очекува формирање на новата влада во Унгарија, по што македонските институции ќе испратат официјално известување за интересот за екстрадиција. Новиот владин состав во Будимпешта треба да биде конституиран на 9 мај, што се совпаѓа со одбележувањето на Денот на Европа.

Во меѓувреме, политичките промени во Унгарија отвораат нов контекст. Петер Маѓар, кој се смета за фаворит за премиерската позиција, веќе најави дека ќе иницира враќање на Груевски, нагласувајќи дека Унгарија не треба да биде прибежиште за осудени политичари од странство.

Сепак, правната рамка не остава простор за брзи решенија. Експертите укажуваат дека статусот на политички азил што Груевски го доби во Унгарија претставува сериозна пречка за негова екстрадиција. Сѐ додека тој статус е на сила, правните механизми за негово враќање се ограничени.

Дополнителна неизвесност внесуваат и шпекулациите дека Груевски можеби веќе поседува унгарско државјанство, што би ја направило постапката уште посложена и неизвесна.

Во случај да дојде до екстрадиција, поранешниот премиер ќе треба да ја издржи затворската казна од вкупно 10 и пол години, изречена за случаите „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“. Паралелно, во негово отсуство продолжуваат судските процеси и за предметите „Титаник“ и „Талир 2“.

Разрешницата, барем засега, останува неизвесна – меѓу политичките најави, правните ограничувања и дилемите околу вистинската волја за конечно затворање на овој долгогодишен случај.

Loading