ТАЈНИ ТРОШОЦИ ВО ДОГОВОРОТ обвинуваат од СДСМ : КОЈ ГИ ЗЕМА МИЛИОНИТЕ ЗА КОНСУЛТАНТСКИ УСЛУГИ?

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) повторно ја актуелизира темата за заемот од половина милијарда евра што македонската Влада го договори со Унгарија, отворајќи дилеми за потеклото на средствата и нивната транспарентност.

На прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор, Богданка Кузеска, повика Јавното обвинителство да започне истрага за договорите со владата на Виктор Орбан, наведувајќи сомнежи за можни коруптивни практики и нетранспарентни финансиски текови.

Според Кузеска, новите информации што излегуваат во јавноста по изборните случувања во Унгарија отвораат сериозни прашања. Таа посочи дека поразот на Орбан и доаѓањето на новата политичка гарнитура предводена од Петер Маѓар ќе доведе до ревизија на меѓународните кредитни договори, особено оние поврзани со кинески финансиски институции.

„Ова не е само унгарско прашање – има директни импликации и за Македонија. Договорите што ги склучи Владата на Христијан Мицкоски мора да бидат целосно расчистени“, истакна Кузеска.

Таа се повика на извештаи во меѓународните медиуми, според кои унгарската влада во 2024 година обезбедила заем од околу една милијарда евра од кинески банки, меѓу кои China Development Bank, Export-Import Bank of China и Bank of China.

Според СДСМ, токму во истиот период македонската Влада го договорила кредитот со Унгарија, што отвора сомнежи дали средствата што ги добила земјава потекнуваат од кинески извори.

Дополнително, Кузеска потенцираше дека во договорот постоеле нејасни и скриени трошоци, вклучително и значителни износи за консултантски услуги, за кои нема јасна отчетност.

„Граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари и под кои услови државата се задолжува“, нагласи таа.

СДСМ бара итна и темелна истрага за целиот процес, вклучувајќи го потеклото на средствата, условите на заемот и евентуалните врски со странски финансиски центри.

Loading