ПОЧИТ ИЛИ ЛИЦЕМЕРИЕ: ШТО НАВИСТИНА НАПРАВИВМЕ ЗА ДЕЛЧЕВ?

Кога се поклонуваме пред делото на Гоце Делчев, не е доволно само да положиме цвеќе и да изговориме свечени зборови – треба и да се извиниме. Да се извиниме што сме дозволиле да се разгради она што тој го создаваше со визија и саможртва. Да се извиниме што идеалите за слобода, правда и достоинство често се заменети со лични интереси, поделби и кратковидни политики. Да се извиниме што не сме биле доволно храбри, доволно чесни и доволно доследни да го чуваме она за кое тој го даде својот живот. Да се извиниме што дозволивме младината да ни измеќарува по белиот свет. Зашто вистинскиот поклон не е во наведната глава, туку во исправената совест.

Дали Гоце Делчев ги научи денешните политички елити да ја крадат државата и да бегаат од одговорност? Дали тој ги учеше како да ги распродаваат државните и националните интереси за краткорочни придобивки? Дали Делчев ги инспирираше да менуваат име, знаме и идентитет без вистински консензус и достоинство? Или, пак, ги научи како да го делат македонскиот народ по линии на омраза и поделби за полесно да владеат со него? Ако одговорот е не, тогаш прашањето што останува е – кој и зошто денес се повикува на неговото име додека постапува спротивно на сè за што тој живеел и се жртвувал?

Во колективната меморија на македонскиот народ, ликот и делото на Гоце Делчев остануваат вградени како еден од темелните етички и идејни ориентири на националното постоење. Секоја година, пред неговото вечно почивалиште во Црква Свети Спас, се редат венци, се изговараат зборови на почит и се повторуваат познатите сентенции за слободата, правдата и човечкото достоинство. Но токму во таа ритуализирана константа се наметнува едно суштинско прашање: дали симболичкото чествување е проследено со автентична практична посветеност кон идеалите што Делчев ги отелотворуваше?

Говорите на современите политички и духовни авторитети, особено оние кои со леснотија ги распродаваат националните интереси, несомнено ја реафирмираат моралната величина на револуционерот. Во нив се препознава реторичка согласност околу клучните вредности: слобода, правда, љубов кон народот и почит кон другите. Меѓутоа, токму во нивната меѓусебна политичка спротивставеност се открива длабокиот јаз меѓу декларативното и делотворното. Делчев, како историска и етичка фигура, станува симболички капитал што различни актери го присвојуваат, често без суштинска рефлексија за неговата вистинска идејна димензија.

Ако се направи подлабока анализа на делчевата мисла, станува јасно дека неговата борба не била исклучиво национална во тесна смисла, туку универзална во својата етичка основа. Неговото сфаќање за светот како поле за културен натпревар меѓу народите, а не како арена за нивно меѓусебно уништување, денес добива особена релевантност. Оттука, прашањето не е дали го почитуваме Делчев, туку дали сме подготвени да ја живееме неговата визија,  визија што бара интегритет, саможртва и доследност.

Современата политичка реалност, обременета со партиски конфликти, обвинувања за корупција и недостиг од институционална доверба, тешко може да се усогласи со делчевиот идеал за „слободна и праведна Македонија“. Кога неговото име се користи како инструмент во дневнополитички пресметки, се губи неговата суштинска порака и се сведува на реторичка алатка. Таквата инструментализација не само што го девалвира историскиот лик, туку и ја поткопува можноста за вистинско вредносно наследување.

Оттука, чествувањето на Делчев не треба да биде само чин на меморија, туку и акт на самокритика. Дали институциите функционираат во духот на правдата за која тој се борел? Дали политичките елити ја ставаат општата добробит пред личните и партиските интереси? Дали граѓаните се охрабрени да учествуваат во создавањето на општество засновано врз еднаквост и достоинство?

Во отсуство на позитивни одговори на овие прашања, венците и говорите остануваат празни симболи. Вистинската почит кон Гоце Делчев не се мери со бројот на положени цвеќиња, туку со степенот до кој неговите идеали се вградени во секојдневното општествено и политичко дејствување. Само тогаш, меморијата преминува во морална обврска, а историјата станува жив водич, наместо статичен споменик.

Loading