КОЈА Е ВИСТИНАТА ЗА ЛУКРОВСКИ? КАРПОШ ВО НЕИЗВЕСНОСТ

Веќе со месеци низ политичките кулоари и по медиумите кружат шпекулации дека градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, размислува да се повлече од функцијата. Ситуацијата дополнително привлече внимание откако тој официјално замина на боледување, а дел од надлежностите привремено ги презеде заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски.

Од Општина Карпош официјално демантираа дека Лукровски поднел оставка, посочувајќи дека станува збор исклучиво за здравствено отсуство. Сепак, во јавноста продолжуваат шпекулациите околу неговата иднина на функцијата, особено по реакциите на поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски, кој јавно постави прашања околу начинот на пренесување на овластувањата.

По медиумите веќе подолго време кружат информации дека Лукровски уште од стартот на мандатот бил внимателен при потпишување документи, особено во делот на урбанизмот, легализацијата на дивоградби, тендерските постапки и финансиските трансфери. Во јавноста се коментира и дека постоел страв од можна правна одговорност за одредени предмети поврзани со претходното раководство на општината.

Исто така, по медиумите се шпекулира дека во повеќе наврати разговарал со раководството на ВМРО-ДПМНЕ за можноста да се повлече од функцијата, но засега нема официјална потврда за таков чекор.

Во меѓувреме, во Карпош биле ангажирани кадри од други скопски општини со цел да се надмине административниот застој, особено во секторот за урбанизам. Но, и покрај тоа, јавноста и понатаму поставува прашања дали актуелната состојба е само привремена или претставува вовед во подлабока институционална криза.

Во овој момент нема официјална информација дека Лукровски поднел оставка до Министерството за локална самоуправа, што е неопходна процедура доколку градоначалник сака да се повлече од функцијата.

Инаку, Лукровски на последните локални избори победи како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а премиерот Христијан Мицкоски тогаш јавно истакна дека станува збор за негов долгогодишен пријател и човек во кој има целосна доверба.

Засега останува неизвесно дали станува збор за привремена здравствена пауза или за сериозна политичка и институционална нестабилност во Општина Карпош.

Loading