Изјавата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, дека внесувањето на Бугарите во Уставот не само што нема да му наштети, туку и ќе го „зајакне“ македонскиот идентитет, отвори нов бран реакции во јавноста. За многумина, ваквото тврдење претставува политичка конструкција без реална логика, особено ако се има предвид чувствителноста на прашањето и долгогодишните спорови со Софија околу јазикот, историјата и националниот идентитет на Македонците.
Од СДСМ, сепак, тврдат дека уставните измени се чекор кон поголема државна кохезија и европска перспектива, а не закана за националните интереси.
На денешната прес-конференција, Кузеска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски намерно ја манипулираат јавноста со тезата дека уставните измени го загрозуваат македонскиот идентитет.
„Вистината е сосема спротивна. Вклучувањето на малцинствата во Уставот го зајакнува македонскиот национален идентитет, а не го слабее“, изјави Кузеска.
Таа потенцираше дека дефинирањето и заштитата на сите етнички заедници во највисокиот правен акт придонесува за посилна држава и поголема внатрешна кохезија. Како пример ги посочи Србите во Македонија, за кои рече дека се побројни од Бугарите и Хрватите, но никој не ги доживува како закана за македонскиот идентитет.

„Ако во Уставот се внесат Бугарите, Хрватите или други малцинства, како тоа го слабее македонскиот идентитет? Напротив – тоа го зајакнува“, рече таа.
Кузеска оцени дека вистинскиот мотив за противење на уставните измени е блокирањето на евроинтеграциите и избегнувањето на европските механизми за борба против корупцијата.
„Отворањето на патот кон Европската Унија значи и отворање на вратата за Европското јавно обвинителство. Токму од тоа најмногу стравуваат Мицкоски и неговата криминална група“, изјави Кузеска.
Од СДСМ повторија дека остануваат на ставот за, како што велат, „силен македонски идентитет во силна европска Македонија“, додавајќи дека државата е исправена пред избор меѓу европска интеграција и изолација.
![]()

