Додека СДСМ со години јавно се претставува како најгласен поборник за европски вредности, демократија и препораки од меѓународните институции, во пракса партијата повторно избра бојкот наместо учество во процесот на изборни реформи. Отсуството на опозициските претставници од работната група за Изборниот законик отвора прашања за искреноста на нивните заложби за европски стандарди, особено кога токму препораките на ОБСЕ/ОДИХР се во центарот на реформскиот процес.
На вчерашната четврта седница на работната група за реформи во Изборниот законик, главен акцент бил ставен на препораките на ОБСЕ/ОДИХР поврзани со унапредување на изборниот процес во државата. Од Министерството за правда информираа дека и оваа седница, како и претходната, поминала без присуство на претставниците на СДСМ.
Според ресорното министерство, на состанокот биле разгледани препораките кои веќе биле усогласени и прифатени со консензус од присутните членови на работната група. На членовите дополнително ќе им биде доставен и конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во 2025 година, во кој се содржани насоки и препораки за подобрување на изборната регулатива и изборните практики.
Од Министерството за правда посочуваат дека значителен дел од препораките се повторуваат со години, што, според нив, е доказ дека постои потреба од системска и суштинска имплементација на реформите.

Министерот за правда Игор Филков ги информирал присутните и за дополнителните мислења и предлози добиени од повеќе релевантни институции и организации, меѓу кои Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државниот завод за ревизија, како и претставници на граѓанскиот сектор и ОБСЕ/ОДИХР.
Од Министерството нагласуваат дека до овој момент немаат добиено официјално известување од СДСМ за нивно формално повлекување или прекин на учеството во работната група. Воедно, било изразено очекување опозициската партија да ја преиспита својата одлука и повторно да се вклучи во процесот.
„Реформите во изборното законодавство треба да се носат низ широк политички и институционален дијалог, во интерес на демократските процеси и довербата на граѓаните во изборниот систем“, посочуваат од Министерството за правда.
Оттаму додаваат дека процесот на реформи ќе продолжи инклузивно, со учество на институциите, политичките партии и сите засегнати страни.
![]()

