МАКЕДОНИЈА СО ЕДЕН ГЛАС ВО ВАТИКАН: ЕДИНСТВО НАД ПОЛИТИЧКИТЕ, ЕТНИЧКИТЕ И ВЕРСКИТЕ РАЗЛИКИ

Понекогаш, во време на длабоки политички поделби, секојдневни обвинувања и различни ставови по речиси сите прашања, се појавуваат моменти кога Македонија успева да зборува со еден глас. Ретки, но значајни мигови во кои власта и опозицијата, различните етнички заедници и верски определби стојат заедно околу вредности што ги надминуваат дневнополитичките теми.

Токму таква порака испрати македонската државна делегација за време на посетата на Ватикан и Рим, организирана во чест на делото на Свети Кирил и Методиј. На едно место, заедно настапија претставници од различни политички партии и етнички заедници, испраќајќи порака дека духовното и културното наследство може да биде точка на обединување за државата.

Делегацијата ја предводи претседателот на Собранието, Африм Гаши, а во неа учествуваат и координатори на пратеничките групи, како и претставници на институциите и верските заедници. Во рамки на посетата беа реализирани средби со Папа Лав XIV и со државниот секретар на Светата столица, Кардинал Пјетро Паролин.

Во разговорите биле потврдени добрите односи меѓу Македонија и Светата столица, изградени врз заемна почит и заедничко вреднување на духовното наследство. Посебен акцент бил ставен на делото на Светите Кирил и Методиј, но и на ликот на Света Мајка Тереза, која претставува една од најсилните врски меѓу Македонија и католичкиот свет.

Африм Гаши порача дека токму овие историски личности и духовни симболи се темелот врз кој се градат односите меѓу двете држави, додавајќи дека ваквите средби имаат значење не само од дипломатски аспект, туку и како потврда на македонскиот идентитет и културно наследство.

Пратеникот Никола Мицевски истакна дека присуството на координаторите на сите пратенички групи е доказ дека кога станува збор за државните интереси и националните вредности, политичките разлики можат да бидат оставени на страна.

Слична порака испрати и Оливер Спасовски, според кого посетата претставува силен симбол на почит кон просветителите и дополнително зацврстување на соработката со Светата столица.

Централниот настан од посетата ќе се одржи во базиликата Сан Клементе, каде македонската делегација ќе присуствува на молитвено чествување на гробот на Свети Кирил. На чествувањето ќе учествуваат и претставници на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, предводени од Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.

Во време кога јавноста е навикната на поделби и конфликти, ваквите моменти потсетуваат дека Македонија сепак има темели околу кои може да се обедини – преку културата, духовноста, историјата и заедничкото чувство на припадност кон вредностите што ја поврзуваат со европската цивилизација.

Loading