Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, повторно излезе со сериозни обвинувања на сметка на поранешниот премиер и екс-претседател на Собранието, Талат Џафери, тврдејќи дека бил злоупотребуван владиниот авион за приватни и недозволени цели.
Во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Томовски изјави дека останува на своите претходни тврдења и нагласи дека за наводната злоупотреба постојат сведоци и луѓе кои директно биле вклучени во летовите. Според него, пилотите, членовите на екипажот и други лица кои работеле во системот можат да потврдат дека владниот авион бил користен спротивно на правилата и процедурите.

Томовски воедно упати критики и кон кадрите на ДУИ, оценувајќи дека не е изненаден од реакциите и одбраната која доаѓа од оваа политичка партија. Тој посочи дека јавноста секојдневно може да види како функционираат институциите и луѓето поставени на одредени позиции.
Директорот на СОЗР потенцираше дека нема намера да се повлече од своите ставови, додавајќи дека останува цврсто на позицијата дека во случајот постоела злоупотреба на службени ресурси.
„Стојам зад кажаното и денес. Сметам дека се работело за злоупотреба и дека тоа мора институционално да се расчисти“, порача Томовски во телевизиското гостување.
![]()

