НОВО ИМЕ, СТАРА БИТКА – ШТО ПОДГОТВУВА СЕЛА?

СЕЛА ГО НАПРАВИ ОНА ШТО ДОЛГО СЕ НАЈАВУВАШЕ – АЛИЈАНСАТА СТАНА ЛИГА!

Во Тетово  беше одржан конгрес на досегашната Алијанса за Албанците, на кој делегатите донесоа одлука партијата да продолжи да дејствува под ново име – Албанска лига.

На собирот, кој се одржа под слоганот „Лигата е жива“, за претседател на новоформираниот политички субјект едногласно беше избран Зијадин Села. Според информациите соопштени на конгресот, неговата кандидатура ја поддржале сите 713 присутни делегати. Во своето обраќање по изборот, Села истакна дека функцијата што ја презема претставува сериозна обврска не само кон членството и поддржувачите, туку и кон идните генерации.

Тој нагласи дека политичките одлуки што се носат денес ќе имаат долгорочни последици и затоа бараат внимателен и одговорен пристап. Според него, новото име претставува продолжување на политичката мисија и вредности што партијата ги застапувала и досега. Села се осврна и на актуелната политичка состојба, нагласувајќи дека Албанска лига нема намера да стане дел од владејачката коалиција. Тој порача дека партијата ќе остане доследна на своите принципи и политички определби, потсетувајќи дека и во минатото знаела да заземе јасен став кога станува збор за учество во извршната власт.

Покрај изборот на претседател, делегатите на конгресот ја усвоија и политичката платформа на Албанската лига, како и повеќе програмски документи и резолуции кои ќе ги определуваат идните активности на партијата. Со ребрендирањето во Албанска лига, раководството најавува нова фаза во политичкото дејствување, насочена кон зајакнување на политичкото претставување и унапредување на програмските цели на партијата.

Loading