НЕ ДОАЃАШЕ НА РАБОТА, А СЕГА И ОФИЦИЈАЛНО КАЖА „ЗБОГУМ“

Вицепремиерот задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, официјално поднесе оставка од својата функција во Владата, со што стави крај на повеќемесечните шпекулации околу неговиот статус и иднината во извршната власт.

Информацијата ја соопшти самиот Фетаи преку објава на социјалните мрежи, каде што наведе дека одлуката ја донел по внимателно размислување и со уверување дека тоа е најправилниот чекор во овој момент. Во своето обраќање тој истакна дека во изминатиот период работел на реформи насочени кон подобрување на отчетноста, транспарентноста и владеењето на правото, оценувајќи дека и покрај предизвиците биле поставени важни темели за понатамошен развој на овие процеси.

Фетаи порача дека ја напушта функцијата со крената глава и чиста совест, заблагодарувајќи им се на соработниците, институциите, меѓународните партнери и граѓаните за поддршката што ја добивал во текот на својот мандат.

Неговата оставка доаѓа по подолг период во кој практично беше отсутен од јавноста и од владините активности. Во јавноста со месеци се поставуваа прашања за неговото присуство на работа, како и за тоа дали и понатаму ги користи привилегиите што му следуваат како член на Владата. Од институциите досега немаше прецизни информации за неговиот ангажман, а остана неразјаснето и дали во изминатиот период примал редовна плата.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, потврди дека оставката ќе биде констатирана на првата наредна владина седница, со што формално ќе заврши неговиот мандат.

Премиерот Христијан Мицкоски уште во април откри дека разговарал со Фетаи, кој му соопштил дека повеќе не се гледа како дел од актуелниот владин состав. Според премиерот, Фетаи изразил желба да се врати во Брисел, каде што живееше и работеше пред да стане дел од македонската Влада на предлог на коалицијата „Вреди“.

Оставката на Фетаи пристигнува во период кога се очекуваат кадровски промени и реконструкција на Владата. Со неговото повлекување се затвора едно од прашањата што подолг период предизвикуваше интерес во политичката јавност, особено по бројните информации дека веќе не е активно вклучен во работата на владиниот кабинет.

Loading