Поранешниот претседател Стево Пендаровски потврди дека во претседателската резиденција на Водно се одржала средба на највисоко политичко и дипломатско ниво, на која една од темите бил и поранешниот премиер Никола Груевски.
Во интервју за „360 Степени“, Пендаровски изјави дека уште на самиот почеток јасно ставил до знаење дека не размислува за можноста да го помилува Груевски, и покрај тогашните шпекулации дека таков потег би можел да помогне во обезбедувањето поддршка за уставните измени.
„Кажав дека во ниту една варијанта немам намера да го помилувам Груевски. Доколку некој смета дека амнестијата е решение, тогаш парламентот располага со мнозинство и може да носи соодветни законски решенија“, посочи Пендаровски.
Според неговото објаснување, средбата била организирана во период кога политичките фактори барале начин да обезбедат поддршка за уставните измени поврзани со европскиот интегративен процес. На состанокот, покрај тогашниот државен врв, присуствувале и високи претставници на меѓународната заедница.

Пендаровски истовремено се осврна и на случајот со протекување информации од неговиот кабинет. Тој откри дека вработен поврзан со т.н. „огнена група“ во ДУИ успеал да сними дел од дискусијата од кабината за превод, по што содржината на разговорите завршила надвор од институцијата.
Поранешниот претседател појасни дека против лицето била поведена дисциплинска постапка и дека тоа повеќе не останало ангажирано во неговиот кабинет. Во контекст на настаните го спомена и актуелниот пратеник Блерим Беџети, оценувајќи дека целата ситуација подоцна добила дополнителна политичка димензија поради промените во односите внатре во ДУИ.
Инаку, информациите за ваква средба и за разговорите околу можните сценарија за враќање на Груевски во земјава беа предмет на јавни дебати уште во текот на 2024 година, кога дел од учесниците ги негираа или минимизираа наводите. Со најновите изјави на Пендаровски, за првпат јавно се потврдува дека темата навистина била отворена на состанокот на Водно, но без негова поддршка за евентуално претседателско помилување.
![]()

