КОИ СЕ МИНИСТРИТЕ НАЈБЛИСКУ ДО СМЕНА? МИЦКОСКИ НАСКОРО СО ОДЛУКА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА!

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во втората половина на јуни ќе се одржат разговори со коалициските партнери за идните чекори на владината коалиција, при што не ја исклучи можноста за реконструкција на Владата.

Според неговите изјави, во моментов фокусот е насочен кон внатрепартиските процеси во ВМРО-ДПМНЕ, но наскоро на маса ќе се најдат и прашањата поврзани со функционирањето на владиниот кабинет и евентуалните кадровски промени.

Една од промените што веќе е извесна е заминувањето на досегашниот вицепремиер задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи. Тој официјално ја поднесе својата оставка, наведувајќи дека одлуката ја донел по внимателно разгледување на актуелните политички околности.

Во меѓувреме, политичките случувања во рамките на коалицијата ВЛЕН отвораат дилеми и околу иднината на министерот за труд, демографија и млади Фатмир Лимани. Според информации од политички извори, не е исклучена можноста тој да остане дел од извршната власт, но на друга функција.

Неофицијално, во владините кругови најмногу се анализира работата на неколку министри од редовите на владините партнери. Меѓу имињата што најчесто се споменуваат се министерот за правда Игор Филков од ЗНАМ, како и министрите Зоран Љутков и Борко Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно со тоа, се разгледува и можноста за прераспределба на ресори меѓу коалициските партнери. Во политичките кулоари сè погласни се шпекулациите дека ВМРО-ДПМНЕ е заинтересирана да го преземе Министерството за здравство, кое моментално го раководи Азир Алиу од ВЛЕН.

Доколку се реализира вакво сценарио, како сериозен кандидат за нов министер за здравство се посочува Синиша Стојаноски, актуелен директор на Градската општа болница „8 Септември“ и неодамнешен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, конечните одлуки сè уште не се донесени. Според информации од извори блиски до владините структури, дел од министрите кои се споменуваат како можни кандидати за смена би можеле да добијат уште една шанса доколку премиерот процени дека нивните резултати оправдуваат останување на функцијата.

Во исто време, засега не се очекуваат промени во клучните ресори како внатрешни работи, надворешни работи, финансии и транспорт, кои остануваат меѓу најважните столбови на владината политика.

Loading