Собранието вчера ја отвори расправата за потребата од донесување на предлог-законот за соодветна и правична застапеност, законско решение кое уште на стартот предизвика остра политичка дебата, особено меѓу пратениците од албанскиот политички блок.
Вицепремиерот за европски прашања Беким Сали, образложувајќи го владиниот предлог, порача дека станува збор за закон од особено значење, бидејќи, како што рече, по повеќе од две децении принципот на правична и соодветна застапеност од Охридскиот рамковен договор добива системско законско уредување.
Според Сали, досегашниот модел познат како „балансер“ бил привремен механизам, а државата сега има обврска ова прашање да го постави на појасни, потранспарентни и поодржливи основи.
Тој истакна дека предлог-законот не е насочен против ниту една заедница и не одзема ничии права, туку има цел да обезбеди рамнотежа меѓу правичната застапеност и меритократијата. Сали нагласи и дека решението е усогласено со препораките на Венецијанската комисија.

„Овој закон не е против никого. Тој е потврда дека обврските од Охридскиот договор можат да се реализираат во согласност со европските стандарди“, порача Сали, повикувајќи ги пратениците да го поддржат предлогот.
Вицепремиерот упати посебен апел до пратениците Албанци, нагласувајќи дека Охридскиот договор не е сопственост на ниту една политичка партија, туку обврска на сите политички чинители и придобивка на граѓаните.
Сепак, предлогот наиде на силен отпор кај пратениците од албанските опозициски партии. Тие оценија дека предложените решенија не претставуваат унапредување, туку чекор назад во остварувањето на правата на Албанците и другите заедници.
Од опозицијата побараа законот да биде повлечен, предупредувајќи дека ваквиот пристап може да отвори дополнителни дилеми, наместо да донесе вистинско решение за еднаквост, праведност и доверба во институциите.
Поддршка за предлог-законот не даде ниту пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ, кој оцени дека законското решение е погрешно поставено и дека не нуди квалитетен одговор на прашањето за правичната застапеност.
Предлог-законот се носи по редовна постапка, а во Собранието вчера беше одржана и јавна расправа. Како што е најавено, за негово усвојување ќе биде потребно таканаречено „мало Бадентер“ мнозинство, односно најмалку 61 пратеник, како и мнозинство од присутните пратеници кои припаѓаат на немнозинските заедници.
![]()

