ВЛЕН ГО СТАВИ ПЕЧАТОТ НА ЕДИНСТВОТО: ОСНОВАЧКО СОБРАНИЕ СО ПОРАКА ЗА ПОГОЛЕМА ПОЛИТИЧКА МОЌ

Новоформираната политичка партија ВЛЕН одржа Основачко собрание во Тетово, настан со кој партиските структури го означија почетокот на нова организациска фаза и дополнително зацврстување на политичкото делување.

Според пораките испратени од собранието, овој настан претставува продолжување на процесот започнат со Конгресот на обединувањето, но и важен чекор кон целосна консолидација на ВЛЕН како единствен политички субјект.

На собранието присуствуваа делегати, активисти, функционери и поддржувачи, кои ја потврдија определбата за внатрешно единство, посилна организациска поставеност и поактивно политичко присуство во следниот период.

Копретседателите на партијата, Биљал Касами и Изет Меџити, во своите обраќања истакнаа дека Основачкото собрание има посебно значење за идниот развој на ВЛЕН. Тие оценија дека партијата влегува во етапа во која фокусот ќе биде ставен на зајакнување на структурите, обединување на членството и проширување на политичкото влијание.

Касами порача дека со денешниот настан се прави уште еден чекор кон стабилизирање и заокружување на процесот на обединување. Меџити, пак, нагласи дека ВЛЕН има амбиција да се профилира како силен политички фактор на Албанците во државата.

Потпретседателката на партијата, Мимоза Муса, посочи дека ВЛЕН останува посветена на политики кои, како што рече, треба да бидат насочени кон потребите и интересите на граѓаните.

Со одржувањето на Основачкото собрание, ВЛЕН најавува поинтензивно политичко организирање, посилна внатрешна структура и поголема активност и на централно и на локално ниво.

Loading