Собранието денеска ќе одржи седница на која, меѓу другото, се предвидени и опозициски пратенички прашања. Според најавите од собраниската прес-служба, осум пратеници ќе имаат можност да постават прашања до претставници на Владата.
Прашањата, како што е најавено, ќе бидат упатени до вицепремиерите и министрите задолжени за европски прашања и транспорт, како и до министрите за надворешни работи, внатрешни работи и образование.
Покрај пратеничките прашања, на дневен ред на седницата се и повеќе законски решенија, извештаи и одлуки. Пратениците треба да расправаат за Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност за 2025 година, како и за финансиските извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за истата година, ревидирани од овластен ревизор.
На седницата ќе се разгледува и Извештајот за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2025 година.

Меѓу точките е и Предлог-законот за ратификација на изменувањето на Протокол 4 кон Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство. Измените се однесуваат на дефинирањето на концептот „производи со потекло“ и на методите на административна соработка, согласно Одлуката бр. 1/2026 на Советот за партнерство од 26 јануари 2026 година.
Пратениците ќе расправаат и за Предлог-законот за ратификација на изменувањето и дополнувањето на Договорот за изменување и пристапување кон ЦЕФТА, согласно Одлуката на Мешовитиот комитет бр. 2/2024, донесена на 9 октомври 2024 година. Со овие измени се предвидуваат мерки за олеснување на електронската трговија.
На дневен ред се и Предлог-законот за изменување на Законот за Царинската тарифа и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за ревизија, двата по скратена постапка.
Пратениците треба да се произнесат и за Предлог-одлуката за давање согласност на статутарните измени на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
Во рамки на седницата е предвидено и прво читање на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за зоотехника.
![]()

