Собраниската седница за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекувано не помина само како институционална дебата за одговорност, туку и како политичка сцена подготвена за кратки видеа, остри цитати и пораки наменети за социјалните мрежи. Левица повторно играше на препознатливата комбинација од провокација, симболика и директен напад, со настап кој повеќе личеше на политички перформанс отколку на класична собраниска расправа.
Во фокусот се најде пратеничката Јована Мојсоска, која на говорницата се појави со маица со палестинско знаме и натпис на англиски јазик „Палестина ќе биде слободна“. Таа настапот го поврза со приведувањето на Андреј Куцуловски, претседател на младинското движење на Левица, „Црвена младина“.
Мојсоска порача дека се надева оти министерот нема да добие „нагон за апсење“ од палестинското знаме, алудирајќи на случајот со Куцуловски. Според неа, полицијата покажува строгост кон млади луѓе кои изразуваат солидарност со Палестина, додека, како што рече, вистинските криминалци остануваат недопрени.
„Во Македонија додека криминалците се пречекуваат на граница како господа, вмровската полиција очигледно тренира строгост врз млади деца кои се солидаризираат со народ врз кој активно се врши геноцид и со народ врз кој се вршат најголемите воени злосторства во поновата историја“, рече Мојсоска од собраниската говорница.
Таа дополнително ја заостри реториката, посочувајќи дека не очекува свест и совест за случувањата во Газа од политички партии кои, како што наведе, со децении придонеле за масовно иселување на сопствениот народ.

Најжестокиот дел од нејзиниот настап беше споредбата меѓу апсењето на млади активисти и, како што тврдеше, неказнивоста на урбанистичкиот и политичкиот криминал.
„Можеби треба да ставиме палестинско знаме на дивоградбите во Чаир од вашиот коалициски партнер или на дивоградбата на Мијалков во Охрид, па тогаш ќе почнете да апсите вистински криминалци онака како што апсите млади деца“, порача Мојсоска.
На ваквиот настап реагираше министерот Панче Тошковски, кој во контрареплика оцени дека изнесеното од пратеничката е, како што рече, „тотална невистина“. Тој рече дека ќе се обиде да биде најблаг, земајќи ја предвид почитта што ја има кон жените, но сепак директно ги отфрли нејзините обвинувања.
Тошковски објасни дека претседателот на „Црвена младина“ не бил приведен поради знаме, ниту поради политичка порака, туку поради однесување на спортски настан на кој, според министерот, на деца од 14 и 16 години им се обраќал со зборот „убијци“.
„Што требаше да направи полицијата? Фризурата да му ја направи или да го отстрани од стадионот на кој присуствувал?“, праша Тошковски.
Министерот ја повика Мојсоска следниот пат, кога ќе излезе на говорница со знаме, тоа да биде македонското.
Со ова, расправата за интерпелацијата повторно се претвори во судир меѓу две спротивставени политички матрици: Левица со настап на симболи, остри квалификации и пораки подготвени за вирални исечоци, и Тошковски со обид да ја врати темата кон полициското постапување и конкретниот инцидент. Но, во јавноста веројатно ќе останат токму кадрите што најлесно се претвораат во рилсови — маицата со палестинското знаме, обвинувањата за „апсење деца“ и контрарепликата на министерот.
![]()

