Жестока политичка пресметка се случи во собраниската сала меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за време на седницата посветена на пратенички прашања. Наместо класична размена на аргументи за владините резултати, расправата прерасна во остар вербален судир, во кој опозицијата зборуваше за неисполнети ветувања, а премиерот возврати со обвинувања за поранешни функционери, јахти, Дубаи и правда која, според него, допрва треба да стигне.
Филипче од собраниската говорница го обвини Мицкоски дека по две години власт Владата не испорачала ниту подобар живот, ниту повисок стандард, ниту европски напредок. Според лидерот на СДСМ, граѓаните добиле спротивно од она што им било ветувано пред изборите – поскап живот, празни паричници, задолжување, партизација и изолација.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ, пред да ја преземе власта, ветувала економски раст, зголемени плати, ниска инфлација, повеќе инвестиции, поддршка за земјоделците, перспективи за младите, правда и реформи. Но, како што рече Филипче, по половина мандат, резултатот бил „една голема нула“.

„Нула за реформи, нула за зголемување на платите, нула за младите, нула за земјоделците, нула за европскиот пат“, порача Филипче, прашувајќи го премиерот кој е одговорен за, како што рече, двете изгубени години.
Опозицискиот лидер оцени дека младите ја губат вербата во државата затоа што не гледаат можност да изградат иднина во Македонија. Според него, актуелната власт не само што не го подобрила животот на граѓаните, туку ја оддалечила земјата од европската перспектива.
Мицкоски, пак, одговори во сосема поинаков тон. Тој рече дека ја прифаќа вината, но не за тоа што го тврди Филипче. Според премиерот, граѓаните не се разочарани само поради економијата или перспективите, туку затоа што, како што рече, гледаат поранешни функционери како уживаат во луксуз, наместо да одговараат пред правдата.
Премиерот го спомена Дубаи, настапи на Харис Џиновиќ, јахти и одмори во Паљури, порачувајќи дека токму тоа е причината поради која граѓаните ја губат довербата во институциите. Тој додаде дека неговата вина е што, по две години, тие луѓе, како што рече, сè уште не се зад решетки.

„Ве гледам в очи и ви ветувам дека нема повеќе да ги разочаруваме македонските граѓани“, порача Мицкоски, додавајќи дека народот очекува правда, а не поранешни функционери да уживаат на јахти и луксузни дестинации.
На ова реагираше Филипче, кој му возврати на премиерот дека има „опсесија“ со поранешни функционери и фотографии од плажа. Тој оцени дека таквиот настап не нуди одговори за реалните проблеми на граѓаните, туку служи како политичко дефокусирање од неисполнетите ветувања.
Филипче дополнително предупреди дека со политиките на актуелната власт Македонија ризикува да остане на маргините на Европа. Според него, земјата се движи кон изолација, станува подложна на надворешни влијанија и ја губи шансата за европска иднина.
Судирот меѓу Мицкоски и Филипче уште еднаш ја покажа длабоката политичка поларизација во Собранието. Опозицијата ја обвинува власта за празни ветувања и лоши резултати, додека премиерот инсистира дека клучниот проблем е недовршената правда и неодговорноста на поранешните функционери.
![]()

