МИЦКОСКИ УДРИ ВО СУШТИНАТА: НЕ Е ДОВОЛЕН ЗАКОН, ПОТРЕБЕН Е НОВ МЕНТАЛИТЕТ

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека борбата против корупцијата не може да заврши само со политичка волја, институционални механизми и нови закони, доколку во правосудниот систем не се промени начинот на размислување кај оние кои треба да ја спроведуваат правдата.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога јавноста ќе види конкретна одговорност кај високи функционери поврзани со сомнежи за криминал, Мицкоски нагласи дека Владата ја има својата улога во процесот, но дека судењето и конечните одлуки не се во нејзина надлежност.

Според него, извршната власт може да иницира истраги, да ги стави институциите во функција, да обезбеди докази и да создаде услови предметите да стигнат до надлежните органи. Но, откако случаите ќе влезат во судска постапка, одговорноста целосно преминува кај судството.

„Ние не можеме да судиме и никогаш не сме ветиле дека ќе судиме. Нашата задача е да покренеме истрага, да ја поткрепиме со докази, а потоа постапката е во надлежност на судовите“, истакна Мицкоски.

Премиерот потенцираше дека Владата нема намера да се меша во судските процеси, бидејќи, како што рече, тоа би било спротивно и на принципите на поделба на власта и на неговите лични убедувања.

„Од моментот кога предметот ќе стигне до судот, сè е во рацете на судската власт. Не сакам ниту помислувам политиката да влијае врз судските процеси, бидејќи тоа не е во согласност ниту со моите принципи, ниту со мојот карактер“, рече тој.

Мицкоски посочи дека во изминатиот период институциите отвориле повеќе постапки поврзани со висока корупција, меѓу кои, како што наведе, биле опфатени врховен судија, јавен обвинител, поранешен претседател на Советот на јавни обвинители, поранешни министри, вицепремиер и директори.

Тој оцени дека тоа покажува оти Владата не бега од отворање чувствителни случаи, но нагласи дека исходот не може да биде политички диктиран, туку мора да произлезе од независна судска постапка.

Говорејќи за реформите во правосудството, премиерот најави дека до крајот на годината треба да бидат донесени новиот Кривичен законик и Законот за кривична постапка. Според него, законските измени се подготвуваат во рамки на реформската агенда и во координација со Европската комисија, со цел системот да се приближи до европските стандарди.

Сепак, Мицкоски предупреди дека ниту најдобрите закони нема да дадат резултат доколку тие што треба да ги применуваат останат заробени во стари навики, лични интереси и затворени кругови на влијание.

„Може да обезбедите ресурси, поддршка и најдобри закони, но ако менталитетот на луѓето кои треба да обезбедат владеење на правото остане заробен во личните интереси, тогаш тешко ќе напредуваме. Тоа е најголемиот предизвик со кој во моментов се соочуваме“, нагласи премиерот.

Тој додаде дека Владата ќе продолжи со зајакнување на институционалните механизми за борба против корупцијата, како и со унапредување на законските решенија во соработка со Европската комисија и институциите во Брисел.

Loading