ПРАВДАТА СО НОВИ ЗАКОНИ, НО СТАРИ СОМНЕЖИ: СДСМ ОСТАНА ПРОТИВ, ВЛАСТА ТВРДИ ДЕКА ИСПРАВИЛА СÈ

Собранието ги донесе законите за судска служба и за јавнообвинителска служба, но без поддршка од опозициската СДСМ, која оцени дека предложените решенија не носат вистинска реформа во правосудниот систем.

За двата закона се расправаше и гласаше одделно. Законот за судска служба беше усвоен со 61 глас „за“ и 12 „против“, додека Законот за јавнообвинителска служба доби поддршка од 62 пратеници, а 13 гласаа против.

Опозицијата остана на ставот дека законските решенија нема да придонесат за поголема независност, професионалност и непристрасност во судската и јавнообвинителската администрација. Според пратениците на СДСМ, наместо системско јакнење на службите, во дел од одредбите и натаму се остава простор за влијание на извршната власт.

Пратеничката Јованка Тренчевска предупреди дека со предложените решенија не се обезбедува доволна самостојност на јавнообвинителската служба. Таа посочи дека механизмите поврзани со вработувањата, унапредувањата, мобилноста, организацијата на работата, управувањето со човечките ресурси и носењето подзаконски акти и понатаму остануваат области во кои, според СДСМ, власта може да има влијание.

Од владејачкото мнозинство, пак, тврдат дека процесот бил транспарентен и дека забелешките од јавната расправа биле земени предвид. Пратеникот Љупчо Пренџов истакна дека најважните барања на засегнатите службеници биле прифатени во финалните законски решенија.

Според него, главните забелешки се однесувале на платите и на статусот на вработените. Пренџов нагласи дека ниту еден судски или јавнообвинителски службеник нема да добие намалување на платата, ниту пак ќе го изгуби досегашниот службенички статус.

„Ниту еден службеник нема да има помала плата, а секој судски и јавнообвинителски службеник го задржува статусот што го имал. Тие две клучни работи се прифатени и тоа треба да се признае“, порача Пренџов.

Донесувањето на овие закони доаѓа во период кога реформите во правосудството остануваат една од најчувствителните политички теми, особено поради ниската доверба на граѓаните во судството и постојаните критики за влијание на политиката врз институциите.

Во рамки на истата 108. собраниска седница беа усвоени и Законот за високи раководители, Законот за користење енергија од обновливи извори и Законот за оружје. Гласањето за Предлог-законот за парнична постапка ќе биде дополнително закажано.

Loading