ДОСТА БЕВМЕ „МАКЕДОНЧИЊА“: МИЦКОСКИ СО МОЌНА ПОРАКА ЗА БУДЕЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА САМОДОВЕРБА

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва испрати силна порака за национално достоинство, самодоверба и одговорност кон иднината, на одбележувањето на 105-годишнината од убиството на Ѓорче Петров – една од најзначајните личности во македонската револуционерна и национална историја.

Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека Ѓорче Петров не е само историска фигура врзана за едно време, туку личност чие дело продолжува да биде патоказ и за денешните генерации. Според него, Петров бил револуционер, идеолог, организатор, учител и публицист, но пред сè еден од темелниците на македонската национална мисла од крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Премиерот нагласи дека почитта кон Ѓорче Петров не смее да остане само во рамките на историското сеќавање, туку треба да биде поттик за современа државотворна одговорност.

„Историјата има вредност само ако од неа знаеме да извлечеме поука. Ако зборуваме за минатото, а не градиме подобра иднина, тогаш не сме ја исполниле должноста кон оние кои се жртвувале за оваа држава“, порача Мицкоски.

Тој посочи дека денешната генерација нема задача да води ослободителни борби како генерацијата на Ѓорче Петров, но има еднакво важна обврска – да изгради функционална, силна и достоинствена Македонија. Земја во која младите ќе гледаат иднина, во која ќе се отвораат фабрики, ќе се градат патишта, железници, училишта и болници, а институциите ќе работат во служба на граѓаните.

Според Мицкоски, современиот патриотизам не се мери само со зборови и симболи, туку со работа, резултати и создавање држава на можности. Тој нагласи дека денешната борба е борба за економски развој, нови инвестиции, повисоки плати, модерно образование, квалитетно здравство, владеење на правото и решителна пресметка со корупцијата.

„Тоа е борба за Македонија која нема да биде држава на изгубени шанси, туку држава во која успехот ќе зависи од трудот, знаењето и чесноста, а не од привилегиите“, порача премиерот.

Во говорот, Мицкоски се осврна и на потребата од национално единство околу суштинските државни интереси. Според него, македонската историја покажува дека поделбите секогаш ја чинеле земјата скапо, додека обединувањето носело сила, надеж и напредок.

Тој порача дека Македонија денес има потреба од повеќе разговор, поголемо меѓусебно почитување и зрелост кога станува збор за прашањата од национално значење.

Најсилниот дел од неговото обраќање беше пораката за самодоверба на македонскиот народ.

„Македонија има потреба од самодоверба. Доста бевме македончиња, треба да бидеме Македонци“, истакна Мицкоски.

Со оваа порака, премиерот нагласи дека на државата ѝ е потребен народ кој верува во себе, институции кои функционираат, економија која создава вредност и образование кое произведува знаење, а не просечност.

Мицкоски порача дека вистинската почит кон делото на Ѓорче Петров не е само во чествувањето на неговото име, туку во секојдневната работа за напредокот на Македонија. Според него, да се сака Македонија значи да се биде мудар, чесен, истраен и подготвен да се работи за државата и тогаш кога целта изгледа далечна.

Одбележувањето на годишнината од убиството на Ѓорче Петров, како што порача премиерот, треба да биде потсетник дека македонската држава има иднина само ако се гради со самодоверба, единство, работа и јасна свест за сопствените национални интереси.

Loading