ОД ГОЛЕМИ ВЕТУВАЊА ДО ГОЛЕМО „НИШТО“: ДУИ ГО СТАВИ ВЛЕН НА СТОЛБОТ НА ОДГОВОРНОСТА

Портпаролката на Демократската унија за интеграција, Арта Биљали-Зендели, денеска упати остри критики кон коалицијата ВЛЕН, оценувајќи дека по две години учество во власта, оваа политичка групација не успеала да испорача ниту едно од клучните ветувања дадени пред албанските гласачи.

На прес-конференција, Биљали-Зендели порача дека граѓаните денес со право бараат одговори за ветувањата со кои, како што рече, ВЛЕН настапувал пред изборите – достоинство, еднаквост, развој, институционална застапеност и нова политичка ера.

„По 24 месеци власт, прашањето повеќе не е што ветиле, туку што навистина реализирале. А одговорот, за жал, е јасен – ништо“, истакна Биљали-Зендели.

Според неа, билансот на ВЛЕН не може да се претстави како листа на постигнувања, туку како, како што рече, каталог на неисполнети ветувања. Таа потсети на најавите за нов Устав, уставни измени во краток рок, целосна рамноправност на албанскиот јазик, правична застапеност, како и институционални и економски проекти кои, според ДУИ, останале само на хартија.

Биљали-Зендели обвини дека не е отворена суштинска дебата за нов Устав, дека уставните измени не се случиле, а механизмите за заштита на албанскиот јазик, според неа, биле ослабени. Таа го посочи и укинувањето на Балансерот, оценувајќи дека предложените решенија не нудат реална гаранција за соодветна застапеност.

Во економскиот дел, портпаролката на ДУИ потсети на ветувањата за Албанска банка, акции до 10.000 евра за граѓаните, бескаматни кредити за млади брачни парови, економски зони, капитални инвестиции, автопати, железници и Суво пристаниште. Според неа, ниту еден од овие проекти не е реализиран на начин како што бил најавуван пред изборите.

„Каде е Албанската банка? Каде се акциите од 10.000 евра? Каде се шесте регионални болници? Каде се автопатите, железниците и инвестициите?“, праша Биљали-Зендели.

Таа се осврна и на ветувањата кон дијаспората, меѓу кои право на глас, Министерство за дијаспора и Национален совет на дијаспората, оценувајќи дека и тие останале нереализирани. Дополнително, ја спомена и најавата за Албанска академија на науките и уметностите, за која рече дека завршила со „канцеларија под кирија“, наместо со вистинска институција.

Од ДУИ оценуваат дека по две години власт, ВЛЕН не може да се повикува на изборни ветувања без да понуди конкретни резултати. Според Биљали-Зендели, Албанците во земјата заслужуваат сериозна политика, отчетност и реални проекти, а не, како што рече, пропаганда и политички маркетинг.

„Времето на измамите заврши. Времето на отчетноста започна“, порача Биљали-Зендели.

Loading