СКРАТЕНА ПОСТАПКА, ДОЛГА ПОЛИТИЧКА ВОЈНА: ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК ЈА ЗАПАЛИ СОБРАНИСКАТА САЛА

Со 59 гласа „за“, три „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците на денешната собраниска седница ја усвоија потребата измените на Изборниот законик да се носат по скратена постапка.

По гласањето, потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, ги задолжи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, како матично работно тело, и Законодавно-правната комисија да заседаваат по предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.

Предлогот до Собранието е доставен од група пратеници: Антонио Милошоски, Зеќирија Таири, Даниел Стојчевски, Блерим Беџети и Иванка Василевска.

Образложувајќи ја потребата Изборниот законик да се донесе по скратена постапка, Милошоски рече дека за измените се разговарало веќе четири месеци во рамки на работната група во Министерството за правда. Според него, во работната група учествувале претставници на сите партии, освен СДСМ, кој, како што рече, најпрво бил дел од процесот, а потоа се повлекол.

„Во рамките на овие дискусии се согласивме за околу 28 препораки на ОДИХР, кои беа консензуално прифатени. Во работната група во Министерството за правда за ниедна тема немаше надгласување и секогаш сè одеше со усвојување на нормите или препораките на ОДИХР со консензус. Ќе имаме можност да ги дискутираме тие работи и за време на собраниската и за време на комисиската седница“, рече Милошоски.

Во однос на изборниот модел, Милошоски посочи дека најголем број политички партии биле за една изборна единица, но две партии, кои не ги именуваше, биле за осум, односно за три изборни единици. Бидејќи не бил постигнат консензус, како што додаде, останува сегашното решение со шест изборни единици.

Една од најзначајните новини се однесува на гласањето на дијаспората. Според Милошоски, постигнат е консензус, согласно практиките во Франција и Естонија, да се овозможи електронско, безбедносно и заштитено гласање за граѓаните кои живеат надвор од државата.

Пред денешното гласање во парламентот, опозициските СДСМ и Левица најавија дека ќе го блокираат носењето на Изборниот законик. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека предложените измени содржат недемократски решенија и отвораат простор за злоупотреба и контрола на изборниот процес.

Со ова, Изборниот законик влегува во нова собраниска фаза, но политичката битка околу правилата за избори, дијаспората и довербата во изборниот процес, очигледно, допрва ќе се засилува.

Loading