КОГА МИНЧЕВ Е СИГУРЕН, СÈ ДРУГО Е КОМПРОМИС: ЗНАМ ПО РЕКОНСТРУКЦИЈАТА

Во македонската политика, секоја реконструкција на Владата се претставува како голем државнички чин, како прецизна операција за подобрување на институционалната ефикасност и како ново поглавје во служба на граѓаните. Во реалноста, пак, најчесто станува збор за внимателно пресметана распределба на ресори, влијание и политички кислород.

Така и овој пат, зад високите фрази за државотворност, реформи и одговорност, останува едно суштинско прашање: што навистина доби, а што изгуби ЗНАМ во владината реконструкција? Формално, партијата на Максим Димитриевски останува дел од владиниот колач. Политички, пак, впечатокот е дека најважната битка била успешно завршена – Горан Минчев останува министер. А кога тоа е обезбедено, очигледно, сè друго може да се претстави како стратегија.

Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, вчера соопшти дека во рамки на владината реконструкција неговата партија ќе продолжи да раководи со Министерството за јавна администрација, а дополнително ќе го преземе и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На чело на Министерството за јавна администрација останува досегашниот министер Горан Минчев, додека нов министер за земјоделство ќе биде Борче Серафимовски. Димитриевски најави и дека од септември ЗНАМ ќе добие уште една заменик-министерска позиција во едно од највлијателните министерства во Владата.

Од друга страна, Министерството за правда, кое досега беше под раководство на ЗНАМ, преминува кај коалицискиот партнер ВРЕДИ. Со тоа, партијата на Димитриевски го губи еден од најчувствителните и политички најзначајни ресори, но добива земјоделство – сектор кој, според лидерот на ЗНАМ, отвора можност за директна работа со граѓаните и за продолжување на започнатите политики.

Димитриевски на прес-конференцијата порача дека ЗНАМ уште од своето формирање се води од државотворна идеја и дека политиката никогаш не ја разбирала како борба за функции.

„Кога се создадоа услови да бидеме дел од Владата, не ги баравме најлесните ресори, туку оние каде можеме да дадеме најголем придонес за државата и граѓаните“, изјави Димитриевски.

Ваквата порака доаѓа во момент кога реконструкцијата токму преку функциите ја покажува реалната тежина на секој владин партнер. ЗНАМ останува во Владата, но со изменета позиција: ја задржува јавната администрација, го добива земјоделството, а правдата ја препушта на ВРЕДИ.

Димитриевски тврдеше дека Министерството за јавна администрација во изминатите две години спровело значајни активности во насока на професионализација и департизација на администрацијата. Според него, токму овој ресор останува важен за реформскиот профил на партијата, што објаснува зошто Минчев продолжува да го води министерството.

Говорејќи за новиот министер за земјоделство, лидерот на ЗНАМ истакна дека Борче Серафимовски има сериозно академско и професионално искуство, како и добро познавање на состојбите во агросекторот.

„Тој ги разбира потребите на македонските земјоделци и има капацитет веднаш да продолжи со реализација на започнатите политики“, рече Димитриевски.

На прес-конференцијата беше потврдено и заминувањето на Игор Филков од функцијата министер за правда. Димитриевски му се заблагодари за досегашниот ангажман, посочувајќи дека зад него остануваат 33 подготвени законски решенија, од кои 13 се дел од реформската агенда, а четири веќе се усвоени во Собранието.

„Тоа не е успех на еден човек или на една партија, туку успех на државата“, порача Димитриевски.

Сепак, политичката симболика на реконструкцијата е јасна: ЗНАМ се обидува губењето на правдата да го претстави како дел од поширока владина логика, а добивањето на земјоделството како нова можност за докажување. Во таа рамка, останувањето на Минчев на чело на јавната администрација добива речиси статус на политичка константа -нешто што не смеело да биде доведено во прашање.

Затоа, оваа реконструкција за ЗНАМ може да се чита на два начина. Официјално – како продолжување на државотворната мисија и проширување на одговорноста во нов ресор. Политички – како обид да се задржи влијанието таму каде што најмногу значи, додека загубата на Министерството за правда се пакува во јазикот на континуитет, благодарност и реформски оптимизам.

А во македонската политика, токму тоа е најстарата вештина: кога нешто губиш, да го наречеш нова можност.

Loading