Спорот околу измените на Изборниот законик влегува во нова политичка фаза, откако СДСМ најави дека нема да се откаже од блокадата доколку во законското решение остане предлогот за електронско гласање на дијаспората. За опозицијата, тоа е ризик за изборниот интегритет. За власта, пак, тоа е начин иселениците полесно да го остварат своето право на глас.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека неговата партија нема да дозволи, како што рече, „изборен грабеж“, оценувајќи дека предложеното електронско гласање отвора сериозни дилеми за еднаквоста, безбедноста и контролата на изборниот процес.
„Ние нашите позиции јасно ги кажавме и ги образложивме. Од што стравуваме, зошто сметаме дека тоа не е добро да биде така формулирано во законот“, изјави Филипче.
Според него, клучното прашање е зошто граѓаните во земјата би гласале со физичко присуство и биометриска идентификација, додека за дијаспората би се вовел поинаков модел.
„Зошто да има различно гласање за дијаспората и за луѓето кои живеат во дијаспора, од луѓето кои тука живеат? Зошто ние гласачите тука да оставаме фингерпринт, а некој да гласа електронски или со писма? Зошто да не е еднакво безбеден процесот на гласање за тие што се во земјата и за тие што не се во земјата?“, праша Филипче.
Тој оцени дека предложените решенија можат да ги доведат граѓаните од дијаспората во непријатна позиција, односно утре да бидат обвинувани дека биле дел од изборни нерегуларности.
„Зошто премиерот Мицкоски им става таков товар на нашите граѓани кои живеат во дијаспора? Некој утре да им каже дека биле дел од изборна измама. Зошто ги изложуваат на таков ризик тие луѓе?“, рече лидерот на СДСМ.

Филипче нагласи дека СДСМ не е против донесување изборни закони, но нема да поддржи решение за кое смета дека ја отвора вратата за сомнежи и можни манипулации.
„Секогаш ќе бидеме конструктивни што се однесува на тие закони, но не по цена да отвориме врата за изборен грабеж“, порача Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, во интервју за „Тема на денот“ на Сител телевизија, ја обвини опозицијата дека се спротивставува на поголема излезност на дијаспората бидејќи, како што рече, знае дека ќе загуби на изборите.
„Суштината е да обезбедиме поголема излезност на дијаспората, поголема комуникација меѓу татковината и дијаспората, затоа што целта ни е да ги вратиме тие луѓе. Ова ќе им биде еден мост, едно чувство дека тие учествуваат во политиките во сопствената држава“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека не слушнал конкретен аргумент како би се случил изборен грабеж и оцени дека СДСМ однапред се поставува како партија што ќе остане во опозиција и по следните изборни циклуси.
„Тие однапред признаваат од денешна оптика дека тогаш ќе бидат опозиција. Тој губитнички менталитет не го разбирам, но тие го имаат тој губитнички менталитет“, рече Мицкоски.
Премиерот тврдеше дека целта не е по секоја цена да се наметне еден модел, туку да се најде начин дијаспората полесно да гласа. Тој посочи дека власта е подготвена повторно да разговара со опозицијата за сите можни модалитети — електронско гласање, гласање со писма или друго решение што постои како пракса во светот.
„Не е важно дали тоа ќе биде електронско или со писма, дајте да најдеме начин, да најдеме пракса во светот, како им успеале на тие луѓе да им овозможиме правото на гласање да го остварат на поедноставен начин“, рече Мицкоски.
Предлог-измените на Изборниот законик предвидуваат електронско гласање од странство за државјаните кои се на привремена работа или престој во странство и кои претходно ќе се пријават за таков начин на гласање. Според предлогот, гласањето би се спроведувало преку безбеден електронски систем на Државната изборна комисија.
Со измените, гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва би се заменило со електронско гласање од странство, а решението би почнало да се применува од првите наредни редовни претседателски избори по влегувањето во сила на законот, односно од 2029 година.
Предлогот предвидува ДИК да воспостави, управува, одржува и надгледува систем за електронско гласање од странство. Во системот треба да бидат обезбедени електронска идентификација на избирачот, тајност на гласањето, интегритет на гласот, проверливост на постапката, заштита на личните податоци и спречување повеќекратно гласање.
Избирачите што ќе се пријават за електронско гласање од странство би биле запишани во посебен електронски извод од Избирачкиот список и не би биле запишани во изводите за гласање во земјата. Идентитетот би се утврдувал преку најмалку два независни механизми за автентикација, меѓу кои податоци од важечка лична исправа, електронска пошта и мобилен телефонски број, а доколку има услови и преку квалификуван електронски потпис или друг признат електронски идентитет.
Предвидена е и независна техничка и безбедносна проверка на системот пред неговото користење, како и можност за јавна проба, симулација и тестирање со учество на претставници на подносителите на листи и набљудувачи.
Токму овие одредби се во центарот на политичкиот судир. Власта тврди дека со нив се намалуваат трошоците, се олеснува гласањето за дијаспората и се зголемува нејзиното учество во политичкиот живот. СДСМ, пак, тврди дека електронското гласање не смее да се воведе без целосно докажани и сигурни механизми за контрола, особено кога граѓаните во земјата гласаат со физичко присуство и биометриска идентификација.
Покрај електронското гласање, предложените измени содржат и нови правила за користење државни ресурси во изборен период, забрани за одредени јавни настани поврзани со инфраструктурни проекти, ограничувања за субвенции, еднократни исплати и вработувања, како и нови правила за платено политичко рекламирање.
Меѓу предложените измени е и нов праг за независните листи. За листа на кандидати за пратеници поднесена од група избирачи, како и за независни кандидатури за советници и градоначалници, би биле потребни најмалку 0,8 проценти потписи од запишаните избирачи во изборната единица, односно во општината.
Во делот на финансирањето, предлог-законот предвидува средствата за платено политичко рекламирање од Буџетот да не ја надминат сумата од две евра во денарска противвредност по запишан избирач, без ДДВ, а за локални избори дополнително по едно евро за втор круг. Предвидени се и лимити за донации во изборната кампања — најмногу 6.000 евра од физичко лице и најмногу 50.000 евра од правно лице.
Иако власта тврди дека измените треба да ги вградат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и да ја унапредат изборната регулатива, опозицијата најавува блокада доколку електронското гласање за дијаспората остане дел од законот.
Така, Изборниот законик повторно се претвора во политички тест за довербата во институциите: дали државата може да обезбеди модерно, безбедно и достапно гласање за дијаспората — или токму тоа решение ќе стане нова точка на сомнеж во изборниот процес.
![]()

