СДСМ реагираше со соопштение по средбата одржана зад затворени врати во хотелот „Лимак“, на која, според партијата, присуствувале поранешни партиски функционери, претставници на ЗНАМ и лица од други политички структури. Од партијата оценуваат дека настанот не претставува автентична реформска иницијатива, туку политички проект со цел дополнително слабеење на СДСМ.
Во реакцијата се наведува дека таканаречената „платформа“ е обид за создавање лажна опозиција, која, како што велат од СДСМ, треба да ја држи партијата во постојана внатрешна нестабилност и да ја одвлекува од процесот на консолидација.

Од СДСМ посочуваат дека меѓу присутните на средбата имало и лица кои биле дел од креирањето на изборната програма и кампањата за парламентарните избори во 2024 година, по кои партијата го забележа најтешкиот изборен резултат во својата историја. Според партијата, токму тие луѓе денес настапуваат како критичари однадвор, наместо да преземат одговорност и да помогнат во обновата на СДСМ.
Партијата дополнително го проблематизира и фактот што средбата се одржала без јавност, зад затворени врати и без јасен фокус врз политиките на актуелната власт. Наместо критика кон Владата, како што наведуваат од СДСМ, главната тема биле состојбите во партијата, што според нив ја открива вистинската намера на иницијативата.
Во соопштението се истакнува дека СДСМ нема да дозволи нејзината иднина да се крои на затворени состаноци, ниту од поранешни функционери кои, како што велат, ја напуштиле партијата во најтешкиот период.
Од партијата порачуваат дека процесот на консолидација продолжува преку членството, органите на партијата и актуелното раководство, а иницијативата ја оценуваат како проект насочен кон слабеење на опозицијата и дефокусирање од одговорноста на власта.
![]()

