ВЕШТАЧКА ФОТОГРАФИЈА, ВИСТИНСКА ОДГОВОРНОСТ: Новиот кодекс носи правила за AI во новинарството

Во време кога фотографија создадена со ChatGPT или видео генерирано со Gemini може за неколку минути да заврши на веб-портал, телевизија или социјални мрежи, новинарството добива нова етичка рамка. По 25 години, медиумските работници во Македонија добиваат нов Кодекс на новинарите, кој за првпат јасно го отвора прашањето за користењето на вештачката интелигенција во редакциите.

Новиот кодекс се претставува како своевиден договор меѓу јавноста и новинарите – договор што треба да ја зачува довербата во професијата во услови на брз технолошки развој, дезинформации и сè потешко препознавање на автентичната содржина.

Една од најзначајните новини е обврската секоја новинарска содржина создадена со помош на вештачка интелигенција да биде јасно означена. Според новите правила, новинарски производ не смее да биде целосно генерирана содржина од AI, а доколку вештачката интелигенција се користи при изработка на текст, фотографија, видео или друг медиумски производ, јавноста мора да биде информирана за тоа.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, порача дека новинарите не се против новите технологии, но дека тие не можат да ја заменат суштината на професијата.

„Новинарите не се против технологијата. Напротив, сфаќаме дека вештачката интелигенција е и ќе биде сè поприсутна во редакциите. Таа може да помогне многу да се анализираат документи, да се преведуваат текстови, да се транскрибираат интервјуа. Меѓутоа, вештачката интелигенција никогаш нема да биде новинар“, изјави Чадиковски.

И покрај технолошките промени, основните вредности на новинарството остануваат исти: вистина, проверка на фактите, независност, јавен интерес и одговорност кон граѓаните. Токму затоа новиот кодекс поставува построги стандарди за точноста на информациите. Наместо досегашното правило информацијата да се потврди од еден извор, новиот кодекс предвидува проверка од најмалку два извори.

Посебно внимание е посветено и на достоинството на жртвите и чувствителното известување. Во делот за самоубиства и обиди за самоубиства се нагласува дека медиумите не смеат да објавуваат детални описи, експлицитни фотографии или видеоматеријали што можат дополнително да ја повредат јавноста, семејствата или ранливите категории граѓани.

Претседателката на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите на Македонија, Ленора Калити, истакна дека новиот кодекс не треба да се гледа само како збир на правила, туку како важен инструмент на саморегулацијата во медиумската сфера.

„Новиот кодекс на новинарите не е само збир на етички практики или правила, туку е механизам, инструмент на саморегулацијата и на новинарството“, изјави Калити.

Директорката на Македонскиот институт за медиуми, Билјана Петковска, оцени дека најголемиот предизвик допрва следува – примената на кодексот во секојдневното работење на редакциите.

„Сега следува можеби најтешкиот дел, примената на овие етички кодекси и стандарди во секојдневната работа на новинарите. Затоа е потребна мобилизација и посветеност од сите новинари“, изјави Петковска.

Новиот кодекс бил подготвуван две години од работна група во која учествувале новинари, медиумски работници, експерти и претставници на јавноста. Процесот се одвивал во повеќе фази пред текстот да биде финализиран.

Со новите правила, медиумите добиваат појасна етичка граница во однос на користењето на вештачката интелигенција, но и поголема одговорност пред јавноста. Пораката е јасна: технологијата може да биде алатка, но новинарската одговорност не смее да се префрли на алгоритам.

Напомена: Фотографијата е креирана со помош на вештачка интелигенција и се користи како илустрација.

Loading