СДСМ СО НОВА ДИЈАГНОЗА ЗА ВЛАСТА: Мицкоски сакал судии на копче и обвинители на телефон?

Опозициската СДСМ ја обвини Владата дека преку финансиски закани се обидува да воспостави политичка контрола врз правосудниот систем. Реакцијата следува по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека судиите нема да добијат дополнителни средства.

Според СДСМ, ваквата порака не претставува само критика за работењето на судовите, туку обид судиите и обвинителите да се стават под политички и финансиски притисок. Од партијата оценуваат дека премиерот очекува правосудните институции да постапуваат според желбите на извршната власт, а кога тоа нема да се случи, следуваат јавни напади, најави за истраги и ограничување на ресурсите.

Опозицијата тврди дека ова не е изолиран случај, туку продолжение на практика во која од собраниската говорница и преку медиумски настапи се најавуваат конкретни постапки и се испраќаат пораки до обвинителите и судиите.

Од СДСМ посочуваат дека условувањето на платите и средствата за работа може сериозно да ја наруши независноста на судската власт. Според нив, правосудството не смее да функционира според политички очекувања, туку исклучиво во согласност со законите и доказите.

Во реакцијата се повикуваат и на забелешките од извештајот на Европската комисија за владеењето на правото. Од партијата наведуваат дека во документот се предупредува на мешање и притисоци врз судството и обвинителството од претставници на власта, како и на ризик од неказнивост поради интервенциите во Кривичниот законик.

СДСМ дополнително ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека не е заинтересирана за вистинска европска интеграција, бидејќи независното судство и европските механизми за истрага и контрола би значеле поголема одговорност за носителите на јавни функции.

„Граѓаните заслужуваат правосудство кое ќе постапува според законите, а не според политички наредби и финансиски условувања“, порачуваат од СДСМ, повикувајќи да престанат, како што велат, обидите за контрола врз институциите.

Loading