Околу 20 подрачни училишта со мал број ученици годинава привремено ќе бидат затворени како дел од процесот за оптимизација на образовната мрежа. Министерката за образование и наука Весна Јаневска тврди дека целта не е само намалување на трошоците, туку создавање подобри услови за учење и социјализација на децата.
Во гостување на ТВ Сител, Јаневска посочи дека во одредени средини има училишта со само неколку ученици распоредени во различни одделенија, па дури и случаи во кои едно дете е единствениот ученик во класот. Според неа, ваквиот модел не овозможува соодветна комуникација, размена на знаења и развивање позитивен натпреварувачки дух меѓу учениците.
„Пет деца во пет различни одделенија не е ниту образование ниту социјализација“, порача министерката, додавајќи дека децата треба да учат и да се развиваат во поголеми групи, наместо да останат изолирани во малите средини.
Таа нагласи дека затворањето ќе се однесува првенствено на подрачните училишта со помалку од пет ученици, иако во процесот може да бидат опфатени и некои објекти во кои учат седум или осум деца. Учениците ќе бидат префрлени во други училишта, а Јаневска смета дека растојание од околу два километра не претставува несовладлива пречка за семејствата.

Министерката потсети дека сличен процес се одвивал и претходно. Во текот на 2021 и 2022 година, според неа, околу 20 училишта престанале да работат спонтано поради недостиг на ученици. Сега, дел од затворањата ќе се реализираат организирано, во рамките на пошироката оптимизација на образовниот систем.
Падот на бројот на ученици Јаневска главно го поврзува со намалениот наталитет, а во помала мера со иселувањето. Коментирајќи го податокот дека во Штип само во второто полугодие биле евидентирани 60 ученици помалку, таа оцени дека миграциските движења немаат постојан интензитет, туку се менуваат во различни периоди.
Во однос на подготовките за новата учебна година, министерката увери дека учениците ќе имаат учебници и дека најголемиот дел од нивната дистрибуција веќе е завршен.
Јаневска се осврна и на употребата на вештачката интелигенција во училиштата. Таа нагласи дека придобивките и ризиците од новата технологија се предмет на глобална дебата, а намерата на Министерството е нејзината примена да придонесе за поквалитетна настава и поефикасно учење.
![]()

