ОД ФОТОГРАФИИТЕ СО РОДНИНИ НА АХМЕТИ ДО ЗАПРЕНАТА ПОСТАПКА ЗА МАЗУТОТ: Обвинителите ќе решаваат за наследникот на Абази

На 28 октомври јавните обвинители ќе решаваат кој ќе застане на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција – институција чиј изминат мандат го обележаа контроверзниот избор на Ислам Абази, сомнежите за неговата блискост со ДУИ, запрени постапки за милионски набавки, но и обвиненија против сегашни и поранешни функционери.

Претседателот на Советот на јавните обвинители, Башким Бесими, за Телма потврдил дека го потпишал огласот за избор на нов раководител и дека тој е испратен до „Службен весник“. По објавувањето ќе почне да тече рокот од 15 дена за поднесување кандидатури.

Според Законот за јавно обвинителство, кандидатот мора да има најмалку шест години непрекинат стаж како јавен обвинител и позитивни оценки за работата во последните три години. Мандатот трае четири години, со можност за реизбор, што значи дека и Абази може повторно да се вклучи во трката.

„Ислам Абази со Фикри Ахмети, брат на лидерот на ДУИ, Али Ахмети (Фото: социјални мрежи)“

Тој досега не ја исклучи можноста да побара уште еден мандат, тврдејќи дека во изминатите години не заштитил ниту еден функционер на ДУИ.

Мандатот на Абази уште на самиот почеток беше проследен со сериозни сомнежи. На првиот непосреден избор за шеф на ова обвинителство тој освои најмногу гласови меѓу четворица кандидати, иако во јавноста дотогаш беше речиси непознат.

Набргу по изборот беа објавени негови фотографии со роднини на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тоа предизвика бурни реакции и отвори прашања за неговата политичка независност, особено затоа што токму ова обвинителство треба да ги води најчувствителните истраги за висока корупција и организиран криминал.

Најголемите критики кон работата на Обвинителството се однесуваа на одлуката да биде запрена постапката за милионската набавка на мазут. Меѓу осомничените во случајот беа Ратко Капушевски, Асмир Јахоски – син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Токму запирањето на оваа постапка беше причина за остри напади од ВМРО-ДПМНЕ и од премиерот Христијан Мицкоски, кои во повеќе наврати ја доведуваа во прашање ефикасноста и независноста на Обвинителството предводено од Абази.

Сепак, неговиот мандат не помина само во знакот на запрени постапки. Обвинителството отвори и повеќе случаи против актуелни и поранешни функционери.

Меѓу позвучните е предметот за поткуп против тогашниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев. Постапка беше отворена и за злоупотреби со средствата од ИПАРД-програмата, во која меѓу обвинетите е поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Илија Стоилев.

Обвинение беше поднесено и против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска.

„Татјана Димитровска беше поврзана со поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“ (Графика: ИРЛ)“

Така, четиригодишниот период на Абази останува обележан со две спротивставени слики: од една страна, сомнежите предизвикани од неговиот избор и запирањето на постапката за мазутот, а од друга – отворањето предмети и поднесувањето обвиненија против носители на јавни функции.

Новиот или повторно избраниот раководител ќе наследи обвинителство што се соочува со сериозен недостиг од кадар и финансиски средства. Европската комисија во последниот извештај за напредокот оцени дека човечките и буџетските капацитети не се доволни за ефикасно справување со високата корупција и организираниот криминал.

Во собраниска процедура подолго време е заглавено и новото законско решение, за кое нема двотретинско мнозинство. Со него беше предложено мандатот на шефот на Обвинителството да трае шест години, без право на реизбор, а гласањето да биде успешно само доколку учествуваат повеќе од половината јавни обвинители.

Затоа гласањето на 28 октомври нема да биде само избор на ново име. Тоа ќе биде и оценка на обвинителите за работата на Ислам Абази и за периодот во кој Обвинителството требаше да покаже дека никој не е недопирлив.

Loading