Срамна беше објавата. Уште посрамно е извинувањето.
Зашто објавата откри што мисли еден директор, а извинувањето откри пред кого навистина чувствува обврска.
Од каде извира таа храброст еден државен функционер да им пркоси на законските норми, а потоа јавноста што реагирала да ја обвини за политички линч? Дали функционерите целосно ја изгубиле реалната перцепција за државното уредување?
Многу лабаво се однесуваат со државата, законите и јавните функции. Како Македонија да е феудален двор во кој премиерот е господар, директорите се вазали, граѓаните се поданици, а законот е само декоративен свиток закачен на ѕидот.
Во таков двор не му одговараш на народот – му се поклонуваш на оној што ти ја подарил функцијата. Не бараш прошка од повредените – му се извинуваш на господарот за непријатноста што си му ја предизвикал. И ако поклонот е доволно длабок, очекуваш гревот да биде простен, а фотелјата зачувана.
Токму тоа го направи Далибор Китановиќ. За жртвите остави едно студено „доколку некого сум повредил“, а за премиерот Христијан Мицкоски подготви директно, целосно и понизно извинување.
Срамната објава ја избриша. Со посрамното извинување само потврди дека не се плаши од законот – се плаши единствено да не ја изгуби функцијата.
Далибор Китановиќ не објави извинување. Објави молба да остане директор.

Тоа е најкраткиот превод на неговото долго обраќање.
За семејството има „своја вистина“. За критичарите има „политички линч“. За жртвите има едно резервирано „доколку некого сум повредил“.
Само за премиерот Христијан Мицкоски има чисто, директно и безусловно извинување.
Каква прецизна хиерархија на каењето!
Жртвите добија условна реченица, а човекот што одлучува за директорската фотелја – цело извинување, со име, функција и длабок поклон.
Со тоа Китановиќ кажа многу повеќе отколку што планирал. Не го вознемирила суштината на објавата, туку можноста таа да го чини функција. Не му е најтешко што Ратко Младиќ го смести меѓу „генералите на небеската војска“, туку што премиерот поради него морал да одговара на непријатни прашања.
Совеста не го однесе кон жртвите. Инстинктот за политичко преживување го однесе директно на „Илинденска“.
Македонија, сепак, не е феудален двор во кој гревот е простен штом вазалот ќе му се поклони на господарот.
Директорската функција не е парче земја подарено од владетелот, па оној што ја добил да одговара само пред него. Премиерот не е исповедник што може да даде прошка, Владата не е дворска капела, а извинувањето не е индулгенција со која се откупува политичкиот грев.
Во република, функционерот не одговара само нагоре – пред оној што го поставил. Тој прво одговара надолу – пред граѓаните на кои треба да им служи.
Кај Китановиќ тој редослед е превртен.
Пред жртвите стои исправен и им објаснува. Пред јавноста се брани. Пред медиумите се прогласува за жртва на линч. Но пред премиерот веднаш се поклонува.
Зошто?
Затоа што жртвите не разрешуваат директори. Премиерот може.
И бришењето на објавата го претставува како некаков доказ за одговорност. Не, господине Китановиќ. „Delete“ не е член од Кривичниот законик и не произведува амнестија. Објавата може да исчезне од профилот, но не исчезнува фактот дека била јавно објавена.
Токму затоа ОЈО треба да утврди дали има елементи за постапување според членот 407-а. Не медиумите, не политичките партии и најмалку самиот Китановиќ. Ако нема основ – нека образложи. Ако има – нека постапи.
Извинувањето до премиерот не смее да стане замена за институционалната одговорност. Во правна држава нема дворски прошки, политички благослови и спасување функции со еден понизен поклон.
Премиерот не е жртва на оваа објава. Тој е само човекот што може да ја земе фотелјата.
Затоа ова не беше покајание.
Ова беше кадровско барање напишано во форма на извинување.
Китановиќ ја избриша објавата, се поклони пред премиерот и ја обвини јавноста. Само пред одговорноста остана исправен.
Фотелјата засега е на место.
Совеста, очигледно, повторно е ставена под неа.

![]()

