КОЈ ЈА ПЛАЌА ПОЛИТИКАТА? Антикорупционерите открија ризични законски дупки

Државната комисија за спречување на корупцијата утврди повеќе регулаторни слабости во Законот за финансирање на политичките партии, кои можат да создадат простор за нееднаква примена, субјективно толкување и избегнување одговорност.

Антикорупциската проверка била спроведена по сопствена иницијатива на ДКСК, како дел од планот за проверка на законодавството за 2026 година. Извештајот со конкретните забелешки и препораки ќе биде доставен до надлежните институции.

Една од клучните забелешки се однесува на членот 10, кој ја регулира распределбата на буџетските средства наменети за политичките партии. Според претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, потребно е повторно да се процени дали постојниот модел обезбедува пропорционална и правична распределба, како и еднакви можности за сите политички субјекти.

Од Комисијата посочуваат дека станува збор за јавни средства чиј износ континуирано се зголемува, поради што законодавецот треба да утврди дали сегашното решение ја исполнува целта за која било воведено.

ДКСК бара измени и во членот 14, кој се однесува на партиската членарина. Во актуелното законско решение не постои соодветен превентивен механизам, ниту се предвидени прекршочни санкции доколку биде надминат дозволениот износ на членарината.

Забелешки има и за членот 16, со кој се определува максималниот износ на поединечните донации од физички и правни лица. Комисијата препорачува да се отстранат правните празнини и оваа одредба да се усогласи со Изборниот законик.

Во однос на членот 17, ДКСК бара прецизно да се утврди како партиите ќе ги направат јавно достапни регистрите на донации, покрај нивното објавување на интернет-страниците. Сегашната формулација остава простор за различно толкување, особено кај политичките субјекти што немаат сопствени веб-страници.

Дополнително, предложено е во членот 26 јасно да се наведе обврската политичките партии да ја доставуваат годишната сметка за своето финансиско работење и до ДКСК. Со тоа Законот би се усогласил со одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

На седницата членовите на ДКСК усвоија и нов Деловник за работа на Комисијата, како и Деловник за работа на нејзината Прекршочна комисија, која отсега ќе функционира во нов тричлен состав.

Loading