БАРАШЕ ОДЛАГАЊЕ ПОРАДИ ЗДРАВЈЕТО, СЕГА Е ИТНО ОПЕРИРАН: Влошена состојбата на Јакимовски

Здравствената состојба на поранешниот градоначалник на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, повторно се влошила. Тој во текот на вчерашниот ден бил итно пренесен од КПУ Затвор Скопје во болница, каде што лекарите одлучиле дека е неопходен итен оперативен зафат.

Новата медицинска интервенција следува само нешто повеќе од една недела откако Јакимовски бил вратен во затворската установа. Претходно, поради здравствени тегоби, речиси три недели бил сместен на болничко лекување.

Засега нема официјално соопштение за неговата моментална состојба, причините поради кои била неопходна операцијата, ниту за понатамошниот тек на лекувањето.

Јакимовски и пред да започне со издржувањето на затворската казна побара нејзино одлагање, повикувајќи се токму на сериозните здравствени проблеми со кои се соочува. Неговото јавување во затвор првично беше пролонгирано додека судот ја разгледуваше доставената медицинска документација, но барањето за одлагање на крајот не беше прифатено. На 15 јули тој се јави во Затвор Скопје и започна со издржување на казната.

Во јавните настапи Јакимовски претходно говореше дека се лекува од карцином на белите дробови и на мочниот меур, како и дека редовно прима онколошка терапија.

Неговата повторна итна хоспитализација, набргу по тринеделниот болнички престој, повторно го отвора прашањето за неговата здравствена состојба и за условите во кои ја издржува казната.

Повеќе информации за исходот од оперативниот зафат и за неговото понатамошно лекување се очекуваат во текот на наредниот период

Loading