Одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија е замислено како прослава што ќе ги обедини граѓаните и ќе го зајакне чувството на заедничка припадност, истакна Марија Митева, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во гостувањето во „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Според Митева, подготовката на централната прослава претставува сериозен организациски потфат, во кој се вклучени голем број луѓе задолжени настанот да биде реализиран достоинствено и на високо ниво.
Таа нагласи дека програмата не е ограничена само на една протоколарна свеченост, туку опфаќа повеќе активности што се одржуваат во текот на целиот месец. Намерата, како што рече, е прославата да остави трајна вредност и значајна трага во културната историја на Македонија.
Посебно внимание е посветено на централниот настан на 8 Септември, за кој се очекува голем интерес од граѓаните. Поради тоа, воспоставен е организациски систем што треба да овозможи подобар проток на посетителите, да го намали создавањето редици и навремено да ги отстрани можните недостатоци.

Митева посочи дека безбедноста мора да биде еден од главните приоритети, особено кога се организира настан од ваков обем на Градскиот стадион. Преземените мерки, според неа, се дел од вообичаените стандарди за организација на големи јавни манифестации.
Таа очекува централната прослава да биде спектакуларна кулминација на сите настани посветени на 35 години независна Македонија.
„Независноста не им припаѓа на институциите, ниту на Владата сама по себе, туку им припаѓа на граѓаните“, порача Митева.
Токму затоа, наместо одбележувањето да се сведе на положување цвеќе или на свечена академија зад институционални врати, целта била празникот да се доближи до луѓето преку настани организирани низ Македонија.
Според Митева, колку повеќе граѓаните се непосредно вклучени во прославата, толку посилно ќе биде чувството дека Македонија е нивна заедничка држава и дека Денот на независноста е празник што ги обединува сите.
![]()

