Додека денеска, 25 октомври, Бугарија избира претседател, а Србија нов парламентарен состав, бројките од Македонија откриваат впечатлива разлика во интересот за учество на изборите во двете соседни држави.
За гласање на српските избори се пријавиле 1.438 граѓани, додека за бугарските само 265. Разликата е повеќе од петкратна, иако Србија организира гласање на само две избирачки места во Македонија, наспроти седумте што ги обезбедила Бугарија.
Бугарските државјани можат да гласаат во Скопје, Битола, Прилеп, Охрид, Кавадарци, Струмица и Кочани. Најмногу пријави има во Прилеп, 60, и Струмица, 55. Српските избори, пак, се спроведуваат во Скопје и Куманово.
Дополнително, интересот за српските избори е зголемен во однос на 2022 година, кога во Македонија за гласање биле пријавени 981 српски државјанин. Сега таа бројка изнесува 1.438, што претставува пораст од приближно 47 проценти.
Но, особено внимание привлекува споредбата со бројот на издадени бугарски пасоши. Според информациите што во 2025 година ги соопшти бугарскиот министер за внатрешни работи, во периодот од 2007 до јуни 2025 година биле издадени 216.594 бугарски пасоши на лица за кои постои податок дека имаат и македонско државјанство.
Иако станува збор за број на издадени документи во подолг период, а не за потврден број единствени носители што живеат во Македонија, разликата во размерите отвора интересно прашање: колку поседувањето бугарски пасош е поврзано со вистински интерес за политичкиот живот во Бугарија?

Според Пописот од 2021 година, во Македонија како Бугари се изјасниле 3.504 жители, а како Срби 23.847. Овие бројки ја покажуваат етничката самоидентификација, а не бројот на лица со бугарско или српско државјанство, но даваат дополнителен контекст за анализата.
На претходните бугарски парламентарни избори во април годинава гласале 463 лица во Македонија, додека претходно биле поднесени 210 пријави. За денешните претседателски избори има 265 пријави, што значи дека бројот на претходно пријавени всушност е зголемен. Конечната излезност ќе биде позната по завршувањето на гласањето.
Исто така, бугарските прописи дозволуваат граѓаните да гласаат во странство и без претходна пријава, додека за српските избори е потребна претходна регистрација. Затоа денешната споредба го мери бројот на пријавени, а не конечниот одѕив.
Сепак, разликата во пријавениот интерес останува впечатлива.
Пасошот е документ за државјанство, но не е доказ за национална самоидентификација, политичка приврзаност или интерес за учество во изборите.
Токму затоа, покрај големите бројки со кои често се оперира во политичките расправи, изборните податоци отвораат и едно многу посуштинско прашање: колкава е вистинската поврзаност на граѓаните со политичкиот живот на државата чиј пасош го поседуваат?
![]()

