Се чини дека министерот Иван Стоилковиќ сè покомотно се чувствува во јавните пресметки со политичките неистомисленици. Навредливите квалификации и остриот речник повторно се дел од неговата јавна комуникација, а овојпат расправијата стигна до порака што може да се протолкува и како лична закана.
И ова не е првпат Стоилковиќ да биде во центарот на вакви контроверзии. Да потсетиме, при реконструкцијата на Владата во јули годинава, опозициски пратеници го обвинија за навреди, пцости и закани во Собранието, а беше пријавен и инцидент во кој, според нивните сведочења, за малку била избегната физичка пресметка.
Овојпат во центарот на неговата јавна пресметка се најде претседателот на Македонски Концепт, проф. Петар Богојески.
Сè започнува со објава на Блаже Аризанов, кој на својот фејсбук-профил напиша дека како Македонец не го интересира кој ќе победи на изборите во Србија, туку кога ќе биде разнесен споменикот кај Зебрњак, споменувајќи и динамит.

На оваа објава коментира и проф. Богојески со зборовите:
„Македонски Концепт планира да минира!“
Аризанов одговара дека е доброволец да го притисне копчето, на што Богојески возвраќа со „мојт“.
Токму оваа објава, заедно со коментарите, ја презема и ја споделува министерот Иван Стоилковиќ на својот фејсбук-профил, придружувајќи ја со порака на српски јазик:
„После изборних резултата у Србији, Бугари одмах у офанзиви.“
Со оваа формулација Стоилковиќ практично ги става учесниците во објавената расправа, меѓу кои и Богојески, во контекст на квалификацијата „Бугари“.
Но тука не завршува преписката.
На споделената објава Богојески коментира:
„Сите споменици и пропагатори на окупациските сили на Македонија мора да се исчистат од македонската земја!“
Стоилковиќ веднаш реагира со повик до Јавното обвинителство:
„Ало, ало, Јавно обвинителство? Фашизам на дело!“

Расправијата дополнително се заострува кога министерот директно му се обраќа на Богојески:
„Тебе лично ќе те пречекам кога ќе дојдеш на лице место.“
На ова Богојески одговара:
„Не се грижи, задоволството ќе биде мое!“
И токму тука се отвора суштинското прашање: дали е прифатливо министер во македонската Влада најпрво да користи национални квалификации за своите политички неистомисленици, а потоа да испраќа пораки што можат да бидат сфатени како лично заплашување?

Спорот околу историските споменици, окупацијата и различните толкувања на минатото може и треба да биде предмет на јавна дебата. Но повиците за уништување споменици со експлозив заслужуваат сериозна осуда, исто како и секоја порака што може да се разбере како закана со лична пресметка.
Особено кога доаѓа од носител на висока државна функција.
Стоилковиќ има право да не се согласува со ставовите на Богојески, да ги критикува, па дури и да побара институционална реакција доколку смета дека е прекршен закон. Но министерската функција носи одговорност за начинот на кој се комуницира со граѓаните и политичките противници.
Затоа останува прашањето: што точно сакал да порача Стоилковиќ со зборовите „Тебе лично ќе те пречекам“? Дали станува збор за политичка провокација или за предупредување со заплашувачка содржина?
А можеби уште поважно е прашањето дали министерската фотелја станува место од кое политичките несогласувања се претвораат во лични конфронтации.
Функцијата не дава право на поголема ароганција. Таа бара поголема одговорност.
![]()

