Предвремени парламентарни избори нема да има, а причината, според премиерот Христијан Мицкоски, е пред сè во финансиските обврски со кои Македонија ќе се соочи во следните две години. Државата треба да обезбеди околу пет милијарди евра за враќање и рефинансирање на долговите, па отворањето изборен процес и формирањето техничка влада во овој период би значеле дополнителен предизвик за функционирањето на институциите.
Мицкоски на брифинг со новинарите посочи дека во 2027 година државата ќе треба да обезбеди 2,3 милијарди евра, додека за 2028 година проекциите се околу 2,7 милијарди евра. Станува збор за финансиски обврски преземени во претходниот период, вклучително и за време на пандемијата, кои сега доаѓаат за наплата, но и средства потребни за рефинансирање на постојните долгови, плаќање камати и покривање на буџетскиот дефицит.
Премиерот посочи дека дел од обврските предвидени за 2028 година би можеле да се пренесат во 2029 година, но нагласи дека финансискиот товар што следува бара континуитет во управувањето и внимателно планирање.
„Шест месеци техничка влада ќе ја однесе државата директно во банкрот. И таа техничка влада ќе биде во пикот на најжестоката зима во јануари и делумно можеби во февруари“, изјави Мицкоски.

Тој призна дека од чисто политички аспект на власта би ѝ одговарало одржување избори, но нагласи дека интересите и финансиските обврски на државата мора да имаат предност пред партиските калкулации. Според него, шестмесечниот период на техничка влада би се совпаднал со период во кој државата треба да носи важни финансиски одлуки и да обезбеди значителни средства на меѓународните финансиски пазари.
Покрај прашањето за изборите, Мицкоски се осврна и на односите со коалицискиот партнер ЗНАМ и лидерот Максим Димитриевски, со кого разговарал за спорот околу јазикот на кој ќе се полага правосудниот испит.
Премиерот информираше дека на Димитриевски му го претставил предлогот за комбиниран модел, кој веќе е испратен на мислење до Венецијанската комисија. Сепак, не откри дали лидерот на ЗНАМ останува на претходната најава дека партијата би можела да ја напушти Владата доколку се овозможи полагање на правосудниот испит и на албански јазик.
Така, покрај финансиските предизвици што ја очекуваат државата во 2027 и 2028 година, во фокусот остануваат и прашањата за стабилноста на владејачкото мнозинство и решавањето на чувствителните политички прашања.
![]()

