КОГА ОПОЗИЦИЈАТА ЌЕ СЕ ИЗГУБИ ВО СОПСТВЕНИОТ ПОЛИТИЧКИ МАРКЕТИНГ

СДСМ очигледно сè уште не ја научила разликата меѓу тоа да се биде опозиција и да се глуми дека си предводник на секое незадоволство во општеството. Протестот во Охрид е уште еден пример за погрешна политичка проценка, но и за еден многу посериозен проблем: обидот граѓанскиот револт да се претвори во партиски ресурс.

Кога граѓаните сами се организираат, кога иницијативата произлегува од нивната потреба за правда, а семејството на жртвата јасно бара случајот да не се политизира, најмалку што се очекува од една сериозна политичка партија е да покаже политичка зрелост. Наместо тоа, СДСМ одлучи да организира сопствен протест. И што доби? Скромен одзив и уште едно прашање за исправноста на нејзината политичка стратегија.

Очигледно некој во партијата проценил дека граѓанскиот гнев е добра можност за политичко позиционирање. Но граѓаните не се статисти во партиските сценарија, ниту секоја општествена трагедија е можност за собирање политички поени.

Особено е индикативно што во раководството на СДСМ се наоѓа Фани Каранфилова-Пановска, поранешна извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, со повеќедецениско искуство во невладиниот сектор. Токму таа средина треба да ја познава важноста на независноста на граѓанските организации и нивното право да дејствуваат без партиски директиви.

Тогаш, како е можно партија со такво искуство во своето раководство да не ја препознае границата меѓу граѓанската иницијатива и партиската пропаганда? Дали невладиниот сектор се почитува како независен коректив на власта или се доживува како простор што треба политички да се мобилизира кога тоа ѝ одговара на партијата?

Преминот од невладиниот сектор во политиката е легитимен. Но угледот и искуството стекнати во граѓанскиот сектор не се партиска сопственост и не можат да послужат како алиби за политички потези што ја доведуваат во прашање автономијата на граѓанските иницијативи.

И тука доаѓаме до вистинскиот проблем на СДСМ. Партијата очигледно има поголема потреба да биде присутна на секој протест отколку да покаже дека знае да ја врши својата опозициска функција.

А таа функција е многу посериозна од организирање собири и фотографирање пред институции. СДСМ треба да поставува пратенички прашања, да бара одговорност, да иницира надзорни расправи, да ги користи собраниските механизми, да предлага законски решенија и да врши вистински институционален притисок.

Наместо да се натпреварува со граѓаните во тоа кој погласно ќе протестира, нека се натпреварува со власта во тоа кој ќе понуди подобро решение. Наместо да се обидува да го преземе граѓанскиот микрофон, нека покаже дека има што да каже во институциите.

На СДСМ очигледно ѝ треба сериозна стратегиска промена. Не ѝ треба уште еден протест за да докаже дека е опозиција. Ѝ треба политичка содржина, одговорност и способност да ги препознае границите на сопственото влијание.

Охрид не е само прашање на мал одзив. Тоа е предупредување дека граѓанскиот револт не може да се присвои со партиско лого.

Граѓаните не се партиска инфраструктура. Невладините организации не би требало да бидат политички филијали. А опозицијата што не знае да ја контролира власта, залудно се обидува да ги контролира протестите.

Loading