Работната средина треба да им овозможи на жените да напредуваат во кариерата без да се откажуваат од семејниот и личниот живот, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на настанот „Жените во корпоративното лидерство: Од сознанија до акција“.
Настанот го организираше Women on Boards Adria (WOBA) во соработка со Европската инвестициска банка. Божиновска, која е и амбасадорка на WOBA за Македонија, истакна дека создавањето еднакви можности за професионален развој е заедничка одговорност.
„Жените не треба да бидат ставени пред изборот меѓу професионалниот успех и семејството. Нашата цел треба да биде општество и работна средина што ќе им овозможат да бидат успешни во двете улоги“, порача Божиновска.
Според неа, за тоа се потребни поддршка, разбирање и корпоративна култура во која напредувањето се темели на знаењето, способностите и резултатите. Министерката нагласи дека младите жени треба да се охрабруваат да градат кариера и да преземаат раководни позиции, вклучително и во енергетиката и рударството.
![]()

