РАЗОРЕН СИСТЕМ, ИЗГУБЕН МОРАЛ И УРНАТИ СЕМЕЈНИ ВРЕДНОСТИ – МИЦКОСКИ ЗА КОРЕНИТЕ НА НАСИЛСТВОТО

Насилството врз жените не е проблем што се појавил вчера, ниту може да се припише на една влада или една политичка гарнитура. Станува збор за децениски општествен проблем чии корени, според премиерот Христијан Мицкоски, лежат во разорениот систем, губењето на моралните принципи и семејните вредности, но и во ниското ниво на општествена и политичка култура.

Ова беше една од клучните пораки што Мицкоски ги упати на 35. годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, осврнувајќи се на последните случаи на насилство врз жените и протестите на младите пред Владата.

Тој рече дека е шокиран од низата случаи на насилство и нагласи дека тие мора да бидат проследени со сериозен институционален одговор. Според него, одговорноста не смее да се сведе само на Министерството за внатрешни работи, туку мора да ги опфати и превентивните механизми, обвинителството и судството, со цел насилството да биде спречено пред да ескалира.

Осврнувајќи се на протестот на младите, Мицкоски порача дека ја разбира нивната бунтовност, ставовите и барањата, додавајќи дека во него треба да гледаат соговорник и соработник во борбата против насилството врз жените.

„Ја разбирам и прифаќам нивната бунтовност, нивните ставови и пораки. На тие млади што протестираа, сакам да им порачам дека во мене можете да гледате соговорник и соработник во борбата да се спротивставиме на насилството“, рече премиерот.

Тој посочи дека општеството мора да погледне подлабоко во причините за ваквите појави, наместо проблемот да го користи за партиски пресметки. Според него, децениското уривање на системот, губењето на моралот, принципите и семејните вредности создало поширок општествен амбиент во кој се продлабочуваат негативните појави.

Мицкоски упати критики и кон политичката култура, прашувајќи каква порака добиваат младите кога јавниот простор е исполнет со повици за линч, ширење омраза, лепење етикети и секојдневно пласирање невистини.

„Што ќе си помисли млад човек кога ќе го види политичкиот спектар исполнет со повици за линчови, за сеење омраза, лепење етикети, секојдневно блуење невистини, фрлање кал“, рече Мицкоски.

Премиерот повика на поширока општествена дебата за овие прашања и ги покани младите да се вклучат во разговорите за предложените законски измени за поефикасна заштита од семејно насилство.

„Мораме да започнеме општествена дебата за овие длабоки теми, а младите кои сакаат да се вклучат, добредојдени се и во дебатата за предлог-законските измени за поефикасна заштита од семејно насилство. Вистинските решенија се решаваат со дијалог и на маса“, порача Мицкоски.

Loading