Артан Груби го „дрма“ ДУИ, но ДУИ ќе остане на власт и покрај внатрешниот раскол

Парламентарното мнозинство е стабилно, а Владата целосно фокусирана на менаџирање на кризата, како и на скрининг процесот на ЕУ, тврдат владејачките партии по превирањата во Демократската унија за интеграција.

За информациите поврзани со ДУИ вчера на прес-конференција одговараше министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој воедно е и портпарол на оваа партија. Тој ја нарече лажна вест информацијата за негова смена и посочувајќи дека таа не заслужува никаков коментар.

За отвореното писмо од група членови на ДУИ, Османи рече дека во партијата има големо ниво на демократија и секој може да го каже својот став, но дека последниот збор го има лидерот Али Ахмети.

– Со вчерашната изјава на Ахмети, мислам дека тука е завршена таа приказна, изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг во МНР.

Прашан за тоа дали внатрепартиските превирања ќе влијаат на стабилноста на Владата, Османи рече дека ДУИ е фактор на стабилност изминатите 20 години и дека така и ќе продолжи.

– ДУИ е стабилна политичка структура, не очекуваме никаков понатамошен развој на настаните, додаде Османи.

Дваесетина незадоволни членови на ДУИ, меѓу кои и Муса Џафери, Изет Меџити, Невзат Бејта, Блерим Беџети и Висар Ганиу, во отворено писмо побараа внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикаат лидерот на партијата Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. За состојбите во партијата тие го обвинуваат Артан Груби.