ЕК најави дека ќе ги прекине преговорите за членство на Србија бидејќи не воведе санкции кон Русија

Во октомври, Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент ќе расправа за документот со кој се бара од Европската унија да ги продолжи пристапните преговори со Србија само доколку земјата се усогласи со санкциите на ЕУ против Русија.

-Да дадете приоритет на усогласувањето на земјите-членки со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и да ги продолжите пристапните преговори со Србија само доколку земјата ги почитува санкциите на ЕУ против Русија, се нагласува во нацрт-извештајот за новата стратегија на ЕУ во процесот на проширување, во кој Радио Слободна Европа (РСЕ) имала увид.

Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент ќе расправа за извештајот на 13 октомври, а конечната верзија на нацртот ќе биде во форма на резолуција на Европскиот парламент, на гласање што се очекува во ноември, соопшти РСЕ.

Европските социјалдемократи, втората по големина групација во ЕП, веќе најавија дека ЕУ не може да ги продолжи пристапните преговори со Србија доколку не ги почитува санкциите на ЕУ против Русија и најавија дека ќе биде вклучена во претстојниот извештај на ЕП за проширувањето.

Србија е единствената земја во регионот која не воведе санкции кон Русија. Земјите кандидати за членство во ЕУ треба постепено да ја усогласуваат својата надворешна политика со ЕУ до членството.